Како да поставите соодветни очекувања од љубовната врска и да се заштитите од разочарувањата?

Како да поставите соодветни очекувања од љубовната врска и да се заштитите од разочарувањата?

Многу е важно да знаете што сакате од една врска. Ако сѐ уште си немате дадено соодветен одговор на ова прашање, треба да размислите сериозно на оваа тема пред да се впуштите во љубовните води. Сепак, мора да бидете сигурни дека вашите очекувања се нормални. Со цел да го живеете животот онака како што сте го замислувале, треба пред сѐ да си дадете точен одговор на прашањето што е она што навистина го сакате.

Очекувања од љубовната врска: Еве како да ги избегнете разочарувањата

Доколку се засновани на реалноста, очекувањата најчесто се добри. Но, од друга страна пак, доколку имате многу нереални и високи очекувања, вие ќе се соочите со пречки во вашата врска, при што ќе доживеете и разочарување. Токму затоа најважно е да ги балансирате вашите очекувања со вашата реалност, па иако ова не е лесно и едноставно да го направите, сепак, мора да научите.

Не плашете се да откриете што е она што го сакате

Најдобар начин да откриете што сакате, е процесот на елиминација. Со други зборови, доколку знаете што не сакате, вие го намалите вашиот избор и полесно ќе откриете што ви е потребно. Преку неколку состаноци, вие ќе можете да согледате што сакате од вашиот живот и од потенцијалниот партнер. Она што е добро кога имате очекувања е тоа што тие ве прават сигурни дека вие работите за да ги остварите вашите цели. Не треба постојано да се задоволувате со одредено ниво, бидејќи така никогаш нема да го добиете она што го сакате од животот. Затоа, отфрлете го стравот и следете го она што го сакате во животот.

Лоши очекувања од љубовната врска

Лошите очекувања многу лесно може да излезат од контрола. Секоја личност пред да отиде на состанок, во својот ум си создаваа слика за тоа како изгледа другата личност. Но, овие прерано создадени очекувања може да ѝ наштетат на потенцијалната врска. На пример, можеби очекувате од другата личност да биде висока, згодна и со многу пари, па по неколку минути од вашиот состанок да заклучите дека ќе морате да ја промените својата замисла. Затоа, запрашајте се дали очекувањата ви се засноваат на реалноста, без разлика дали излегувате на прв состанок или не. Очекувањата не работат секогаш во ваша полза, туку понекогаш се и против вас. Најчесто се засноваат на многу околности, а изгледот, кариерата и материјалните средства не треба да бидат одлучувачки фактор за тоа дали ќе останете со некоја личност.

Очекувањата и залажувањето на самите себеси

Еден аспект на очекувањата од врските со кои многумина си имаат проблем, е тоа што тие очекуваат личноста со која се состануваат да биде искрена, вредна и чесна како што се тие самите. Па, сето ова завршува со скршено срце. Понекогаш вие може да очекувате другите да бидат исто толку внимателни и грижливи, како што сте и вие кон нив, а ова води кон недоразбирање и повредување. Со тоа што очекувате другите да бидат и да се однесуваат како вас, вие самите се изложувате на тоа да бидете повредени. Важно е да запаметите дека другите го гледаат светот на поинаков начин отколку вие самите. На пример, некои личности не сакаат редовно да комуницираат, што може да ги изнервира оние кои се навикнати на спротивното. Треба да сфатите и да прифатите дека секој е различен и дека не секој умее на ист начин да ја покажува љубовта како што го правите тоа вие. Не залажувајте се себеси дека можете да промените некого кога ќе започнете врска. Повеќето луѓе не се менуваат, освен ако премногу не го сакаат тоа.

Очекувања од љубовната врска: Еве како да ги избегнете разочарувањата

Да се биде „совршен“

На пример, замислете дека сте многу заљубени во вашето/вашата момче/девојка, па ги гледате преку „розови очила“ и пропуштате да ги видите сите оние недостатоци кои ги согледуваат другите. Тогаш мислите дека вие двајцата сте предодредени да бидете заедно и ќе се однесувате во согласност со тоа верување. Вие сте нивни и тие се ваши. Звучи едноставно, зар не? Но, реалноста е дека тоа е многу покомплицирано. Прво и основно, со кој и да сте во врска, е независна личност која имала живот и пред вас. Таа личност имала свои подеми и падови, несигурности, проблеми и верувања. Не можете да очекувате од таа личност да биде совршена. Перфекционизмот е илузија. Исто како што не можете да очекувате вашата друга половина да има исти очекувања од врската како и вие. Ваквите очекувања ќе ве изневерат, само прашањето е кога. Најдоброто нешто што можете да го направите е да го прифатите вашиот партнер онаков каков што е, со сите негови недостатоци и јасно видливи несовршености.

Стандардите и очекувањата од љубовната врска

Стандардите и очекувањата се различни работи. Очекувањата првенствено се засноваат на тоа што другата личност „може“, „треба“ или „не треба“ да направи за вас. Од друга страна, стандардите се барања, квалитети, морали, навики и/или етика и кои верувате дека треба да ги има личноста за да биде прифатлива за вас. На пример, повеќето луѓе би очекувале партнерот со кој се состануваат да биде учтив, дури и ако келнерот ја згреши нарачката. Тоа е ваш стандард, личноста да се однесува човечно и љубезно. Вашите стандарди секогаш треба да бидат високи, но што се однесува до очекувањата, треба да имате предвид тие да бидат реални. Ако очекувате вашето момче со кое се состанувате 6 месеци да ве одведе на некое скапо патување, тогаш тоа не е реално и вие само ќе се разочарате.

Совршено несовршени

Очекувањата, дури и оние разумните, нема секогаш да бидат исполнети и вие ќе завршите со разочарување. Тоа е дел од животот. Какви било разочарувања доаѓаат и си одат, но вие треба да се трудите да ги одржувате во рамнотежа со реалноста и со вашите потреби. Покрај сè, треба да сфатите дека вашите сакани не може секогаш да бидат во можност да ги исполнат вашите очекувања. Можеби ќе ви подарат погрешен подарок или ќе заборават некој важен датум, но потсетете се дека и вие не можете секогаш да ги исполните нивните очекувања. Ние сме совршено несовршени суштества кои сме на оваа земја со цел да станеме подобри. А понекогаш доживуваме неуспеси. Имајќи го ова на ум, вие ќе можете да заборавите на разочарувањето кога вашиот партнер ќе ја заборави вашата годишнина или роденденот. Луѓето постојано прават грешки, особено кога животот станува премногу зафатен. Затоа, не обидувајте се да бидете совршени, затоа што никој не е!

Доколку сепак сте со соочиле со некое љубовно разочарување, прочитајте ги овие 6 начини за справување со истото.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар