Како да патувате за малку пари? - Евтин престој - Part 2

Како да патувате за малку пари? – Евтин престој

2. Долг престој

Доколку целите на подолго патување во странство, тогаш морате да размислувате за опциите кои овозможуваат драстично кратење на трошоците, пред сѐ на оние за сместување. Сепак, колку и да ви е мал буџетот, тоа е возможно.

Волонтирање во странство

Веќе пишувавме опширно за Европскиот волонтерски сервис. Самиот волонтерски престој во странство е едно долго патување кое дозволува да откриете нова средина и продлабочено да се запознаете со друга култура, при што трошоците за живот се покриени. Покрај тоа, тој овозможува да го искористите градот каде што волонтирате како база за повеќе кратки патувања до места кои инаку би ви биле тешко достапни. Волонтирање во Словачка овозможува посета и на Чешка, Полска и Германија. Волонтирање на северот на Италија ве доближува, покрај до преубавиот југ на земјата, исто така и до Франција, Швајцарија и Австрија.

Покрај Европскиот волонтерски сервис постојат уште неколку слични опции:

  • Service Civil International. Сместувањето и храната се покриени, понекогаш има и некаков џепарлак, а патот никогаш не е покриен.
  • Volontariat Solidarité Internationale. Постојат организации кои соработуваат со оваа програма на француската влада, така што треба прво да најдете волонтерска позиција, а потоа и да платите дел од трошоците кои подоцна ќе ви бидат вратени. Сите трошоци се покриени.
  • United Nations Volunteers. Програмата за волонтирање на Обединетите Нации е многу слична на ЕВС, со таа разлика што бараат да имате барем 25 години и за поголем дел од позициите е неопходно двегодишно работно искуство. За позициите во логистика тоа обично не се бара. Сите трошоци се покриени, од патување, преку задолжителни вакцини, па сѐ до џепарлак.
  • Bundesfreiwilingendeinst. Германија е една од двете европски земји, покрај Франција, која има свој национален волонтерски сервис. Додека францускиот Service Civique им е достапен само на младите граѓани на ЕУ на возраст 18-25 години, германскиот нема ограничувања во поглед на националноста, но постои старосна граница 18-27 години. Повторно трошоците се покриени, но мора да имате предвид дека добар дел од организациите кои примаат волонтери бараат барем основно познавање на германскиот јазик.

Како да патувате за малку пари? - Евтин престој

Замена – работа за бесплатен престој

Ако сакате да останете подолго на пат, а немате доволно пари за тоа, можете да си одработите дел од престојот. Преку одредени онлајн сервиси може да стапите во контакт со луѓе или организации на кои им е потребна вашата помош за која се спремни да ви понудат бесплатно сместување, а честопати и храна. Вашите работни задачи секогаш би биле едноставни, како на пример работа на рецепција во хостел, чување деца и подучување на некој јазик, реновирање на куќи, работа на фарма, косење трева итн. Ова не е платена работа, туку претставува замена на вашиот труд за сместување и евентуално храна. Затоа не ви е потребна работна дозвола од односната држава, туку за вас ќе важат правилата за туристичко патување.

Постојат неколку сервиси што го овозможуваат ова:

  • Workaway. Откако ќе се регистрирате на сајтот добивате можност да стапите во контакт со потенцијалните домаќини. Регистрацијата е мала, чини 22 евра за две години за едно лице и 29 евра за две години за двојки или двајца пријатели.
  • HelpX. Мнозинството од можностите се во рурални средини. Можете да се регистрирате бесплатно, но со тоа немате можност да контактирате некого, туку само да бидете контактирани. Доколку платите 20 евра за двегодишна членарина, која чини исто за еден или за двајца, тогаш можете и сами да контактирате некого кај кого би сакале да патувате.
  • The7Interchange. Сместување и понекогаш храна во замена за малку работа во национални паркови, еко-проекти, училишта, сиропиталишта итн. Двегодишно членство чини 15 евра.
  • Hostel Travel Jobs. Исклучиво работа во хостели. Сместувањето секогаш е обезбедено, а бројот на оброците кои ги плаќа домаќинот секогаш варира. Работата опфаќа работа на рецепција, чистење, грижа околу гостите, организирање на забави, туристички разгледувања итн. Членарината чини 14 евра за две години.
  • WWOWF. Исклучиво работа на фарми за органско производство. За работата добивате сместување, храна и едукација во врска со органското производство. Секоја земја-членка на WWOWF има своја политика кога станува збор за аплицирањето. За разлика од претходните, овде е потребно да се регистрирате и да платите на националниот огранок, по што можете да ги контактирате само домаќините од односната држава. Доколку сакате да се пријавите во повеќе земји, тогаш мора да се регистрирате и да платите во повеќе земји.

Како да патувате за малку пари? - Евтин престој

Работни кампови

Со работата на работните кампови придонесувате за средината во која патувате и работите, а за возврат добивате бесплатно сместување, три оброци на ден и екскурзии во околината во која помагате. Патните трошоци си ги покривате сами. Некои од камповите можат од вас да побараат одреден надомест за покривање на одредени трошоци, додека други се потполно бесплатни. Workcamps.info ја има најобемната база на работни кампови во светот. За да се пријавите прво треба да ја контактирате овластената организација во нашата земја, по што тие ја процесираат апликацијата. Кај нив може да се информирате и за евентуалните трошоци. Покрај Workcamps.info, и Solidarité Jeunesse има доста обемна база на кампови.

Au Pair

Au pair програмите овозможуваат да заминете на одреден период во друга држава работејќи како бебиситер. Сместувањето е кај семејството чии деца ги чувате, тие ја плаќаат и храната, а добивате и мал надомест за работата кој може да го искористите за патување во слободното време.

Спротивно на кај нас владејачкиот стереотип, во западноевропските земји и машките добиваат работа како au pair, а не само девојките. Доколку сте заинтересирани за ова, посетете го бесплатниот freeaupair.org или aupair-world.net и finaupair.com каде што имате еднократен трошок од околу 40 евра.

Ворк енд Травел и работа на брод

Ворк енд Травел е доста популарна програма помеѓу студентите во Македонија. Иако огромно мнозинство од нив остануваат само на „ворк“, а делот „травел“ го изоставуваат со цел да заштедат пари, сепак вреди да се спомене како можност да се посети оној дел од светот кој со користење на евтините методи на транспорт се недостижни.

Слично е и со работата на брод. Иако таму сериозно и напорно се работи и целта е печалба, тоа истовремено овозможува посета на одредени далечни и егзотични дестинации.

Како да патувате за малку пари? - Евтин престој


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар