Како да останете мотивирани на работното место во текот на летните месеци?
Ако сте заглавени во канцеларија за време на оваа убава и топла сезона, можеби повеќе ќе сонувате за море и плажи, а помалку ќе работите. Овде воопшто не помага фактот дека летото е доба од годината каде што повеќето фирми имаат најмалку работа, освен ако не сте сезонски работник. Иако ќе имате прилика да уживате во летните радости додека сте на годишен одмор, сепак тие недела или две брзо истекуваат, а потоа ќе треба да го обработите и остатокот од сезоната. Тешко е да се сконцентрирате на задачите кога попрво би биле надвор, па затоа е важно да пронајдете начини како да ја задржите продуктивноста на работното место.
1. Планирајте пауза на сонце
Престојувањето во канцеларијата во текот на убавиот топол ден е мачење за сите нас. За да го надополните времето кога морате да бидете под флуоресцентни светила, планирајте паузата да ја поминете надвор под сончевите зраци. Идеално би било да земете неколку мини паузи – доволни се само неколку минути во текот на денот, бидејќи тоа е многу подобра опција за подигнување на расположението отколку да работите 8 часа без да излезете надвор. Утрото започнете го со кратка, но жестока прошета на отворено, а зашто пак за време на ручекот да не организирате мал пикник под дрво? Само внимавајте да ја заштитите кожата пред да излезете на сонце.
2. Важно е да пиете доволно вода
Без разлика колку ладните сокови и ледените кафиња и чаеви се примамливи за летните горештини, сепак кофеинските и засладените пијалаци би требало да ги замените со поздрави варијанти. Добра опција се свежо исцедените сокови, или уште подобро, обичната вода. Секогаш е потребно да пиете доволно вода, но тоа е посебно важна во летото кога оптималната хидратација на телото може да ви помогне да останете мотивирани. Како што пиете повеќе вода, така токсините се ослободуваат од вашето тело и ќе имате повеќе енергија за денот пред вас.
3. Поставете цели
Ако вашето внимание лесно се фокусира на работи кои не се поврзани со вашата работа, или ако забележите дека фантазирате за море и плажа, направете список на сите задачи кои мора да ги извршите во текот на тој ден. Истакнете ги важните задачи кои треба да бидат извршени, како што е финализирање на извештајот за вашиот шеф или довршување на некој важен проект. Подредете ги задачите по приоритети и поставете временска рамка за секоја задача. Многу е полесно да останете мотивирани ако имате поставен план со задачи.
4. Тргнете го сето она што ви го нарушува вниманието
Сите ние имаме некои ситници кои го одвлекуваат нашето внимание во текот на денот – проверување на поштата, социјалните мрежи и слично. Ако знаете дека фотографиите од одморот на вашата најдобра пријателка кои ги објавила на Фејсбук ќе ви го одвлечат вашето внимание од работата, можете цврсто да одлучите дека нема да се вклучувате или да отидете еден чекор подалеку и да инсталирате некои апликации кои ќе ги блокираат веб-сајтовите што ја нарушуваат вашата продуктивност. Ако седите близу прозорецот и постојано надворешните случувања ви го одвлекуваат вниманието, свртете го бирото така што ќе можете да се фокусирате на вашата работа.
5. Облечете се во „работна униформа“
Облеката која ја носиме има големо влијание врз тоа како се чувствуваме. Ако сте облечени во блуза и кратки панталони, ќе се чувствувате како да сте подготвени за скара на отворено. Додека правилата за облекување се разликуваат од фирма до фирма, работниот кежуал изглед е секогаш добар избор без разлика каде работите. И понатаму би требало да носите облека која е соодветна за летните горештини – полесни материјали и посветли, поведри бои. Секако, задржете ја професионалноста. Ако вашата облека изгледа професионално, и вие ќе се чувствувате така, па полесно ќе се фокусирате на вашата работа наместо на плановите кои ги имате за ова лето.
Доколку сакате ова лето да поработите на себе, да научите нешто ново и да стекнете повеќе знаења, тогаш ви предлагаме неколку начини како да бидете попродуктивни ова лето.