Како да останете фокусирани за време на летниот период?
Автор: Калин Бабушку
Летниот период и топлите денови се наближуваат. Школскиот распуст е веќе започнат. Сè почесто може да го слушнеме прашањето: каде на одмор? Мислите ни се на најблиските плажи, а со нозете сме веќе во вода.
Сето тоа влијае на намалување на продуктивноста и фокусираноста на работните обврски. Но и летниот период е исполнување на работните обврски и сакале или не, мора да се биде фокусиран и во овој период. Еве ви неколку совети како да останете продуктивни и фокусирани на работата и на работните обврски што ги имате во овој период:
Облека – Внимавајте со облеката во овој период. Носете лесна облека во светли бои. Доколку работата ви дозволува, носете кратки ракави. Доколку нема потреба, немојте да носите и вратоврски или марами. Доколку сте менаџер или сопственик на компанија, дозволете си поформално облекување, но без одела или сакоа – таквата облека е претопла за ова време.
Планирајте го и искомуницирајте го летниот одмор – Со тоа мозокот ќе го сетирате дека тој период ќе бидете отсутни, а тоа дополнително ќе ви олесни и вам и на вашите соработници да знаат во кој период нема да бидете достапни. Најважно е планираниот одмор да биде барем еден месец однапред испланиран и искомунициран со сите со коишто соработувате.
Планирајте ги работните денови – Доколку треба да излезете надвор, гледајте тоа да биде во раните претпладневни часови, кога сè уште не е толку топло. Топлиот период (пладневните часови) поминете го во канцеларија.
Разладни уреди – Ако е многу топло, употребувајте разладни уреди, но немојте тие да бидат директно насочени кон вас. Дополнително, ако користите разладни уреди, немојте да имате отворени прозори, непотребно трошите енергија. Немојте да ја правите работната просторија премногу студена, затоа што кога ќе излезете надвор може да доживеете шок.
Искористување максимум од периодот – Во зависност од работата, искористете го овој период за планирањето на следниве активности: планирајте го наредниот период, но не само периодот до крај на годината, туку до наредното лето. Навлезете аналитички во работите и направете убаво планирање.
Комуникациски можности – Во ера на интернет и покриеност со мобилни телефони, доколку овозможува работата, дозволете си работа надвор од канцеларијата. Не знам колку нашата свест е висока за таква работа, но можно е. Ако има можност, работете од дома или од друго место, но сепак сработете си ја зададената работа.
Кратки одмори – Во текот на работниот ден, земајте кратки одмори. Искористете ги тие одмори за да се разладите и да си помогнете да бидете пофокусирани. Доколку, пак, имате можност, искористете ги викендите за подолг одмор надвор од местото на живеење (на планина, езеро, река или на друго место). Неколкудневни одмори знаат позитивно да влијаат на психата на луѓето.
„Студена глава“ – топлината си го прави своето и пробајте да останете со „студена глава“ во сите ситуации.
Има голем број работи кои треба да ги имате на ум во овој период за да ја задржите својата фокусираност, но најважно е да разберете дека и овој период е време на исполнување на своите обврски. Со прифаќање на тој став од самиот старт ќе ви биде полесно да го прифатите овој период и да бидете попродуктивни.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.