Како да организирате идеална вечерна забава на отворено?
Летото е идеално време за пикник, журки и забави на отворено, а тоа е прилика за дружење со пријателите, семејството и роднините. Идеите изобилуваат, а вам ви останува само да ја изберете темата на забавата. Дали тоа ќе биде попладневно дружење со кафе и колачи или пак, ќе организирате забава до раните утрински часови?
Без разлика што сте одлучиле, забавите во градината се одличен облик на дружење со луѓето кои ви значат, но и зближување со оние со кои не сте толку блиски. Доколку се одлучите да организирате забава на отворено, тогаш имате многу опции. Можете да подготвите скара, да учествувате во разни социјални и семејни активности, да играте занимливи игри, да танцувате или едноставно да уживате во кругот на семејството. Без разлика на тоа дали станува збор за собирање со пријателите, елегантна забава или само семејна средба, доколку сакате да организирате идеална забава на отворено, ќе морате малку да се потрудите. Најважно од сѐ е добар план, и потребно е да посветите внимание на секој детаљ за подоцна да не доживеете некои непријатни ситуации.
Во продолжение споделуваме неколку совети кои ќе ви помогнат да организирате забава која ќе ги воодушеви сите присутни гости.
Немојте да се грижите за ситниците
Како што веќе спомнавме, добриот план и деталите се доста важни, но ако не ви оди од рака или како што сте замислиле, немојте веднаш да правите драма. Бидете малку флексибилни и што е најважно од сѐ опуштете се за и вашите гости да се почувствуваат удобно.
Обрнете внимание на амбиентот
За да создадете вистинска забавна атмосфера, амбиентот во кој се одржува забавата е многу важен. Ако станува збор за ноќна забава, немојте да заборавите на соодветното осветлување, а исто така размислете и за активностите како што се друштвените игри со кои ќе ја скршите монотонијата доколку стане досадно. Најдобро е пијалакот и храната да ги оставите на пристапно и видливо место за да може секој да се послужи кога ќе посака. Најважно од сѐ е да создадете добра атмосфера за луѓето да се опуштат и да уживаат, а со нив и вие самите.
Каква храна да подготвите
Кога е храната во прашање, немојте премногу да комплицирате. Можете да нарачате кетеринг доколку сакате малку пообилна гозба, но тоа е воедно и поскапа варијанта. Можете самите да подготвите вкусни ужини, како разни сендвичи и слично. На пример, направете салата од компир или тестенини во кои можете да додадете црвени, жолти и зелени пиперки. Додајте мали домати и на жар испечени тиквички. Освежете ја салатата од пилешко или мисиркино месо така што ќе додадете парчиња праска, па уживајте во секој сочен залак. Можеби не сте навикнат на комбинацијата од месо и овошје, но овие вкусови совршено се согласуваат. Испробајте егзотично овошје. Купете манго или направете салата од папаја. Излупете ја, исечкајте ја на коцки, малку посолете и зачинете ја. Можете да испробате и комбинација од исечкана папаја и овошен јогурт. Исто така, можете да направите вкусни мини сендвичи и залаци. Во сендвичот ставете ја омилената шунка, сирење, свежи домати и друг зеленчук.
Немојте да ги заборавите течностите
Иако обичната вода е најдобра опција за жедта, сепак постојат и други пијалаци кои ќе ја победат жештината и воедно ќе бидат занимливи. Во блендер измешајте праска и уште некое овошје кое го имате дома заедно со лажичка или две сок од лимон. Ставете го во сад за мраз и замрзнете го. Послужете ги овие коцки мраз наместо обичните. Или пак, вметнете чепкалки за заби, па послужете ги како мини сладолед. Обичната лимонада можете да ја зачините додавајќи сок од јагоди или брусница. Избегнувајте ги слатките пијалаци, бидејќи тие само дополнително ја предизвикуваат жедта, а доколку ги нудите, разредете ги со вода. Ако одлучите да подготвите забава само за возрасни, немојте да претерувате со алкохолот, бидејќи тоа не е воопшто пожелно во текот на високите температури. Најдобро е да понудите разни коктели со помала количина алкохол, смудиња, газирана или обична ароматизирана вода која може да биде во разни вкусови.
На следната страница погледнете ги инспиративните идеи за организација и декорација за забавите на отворено кои ги пронајдовме за вас.