Како да не дозволите критиките да ви влијаат на самодовербата?
Во животот постојат моменти кога ќе се запрашате што всушност правите. Ќе ги согледате своите недостатоци, но ќе сфатите и дека секогаш ги толкувате на ист начин, сѐ додека не се појави некој „мудрец“ кој ќе се обиде да ви го прикаже вашиот живот од негова перспектива. Но, зошто би требало да сте благодарни на ваквите критикувања? Пред сѐ, вие речиси никогаш не би ја согледале ситуацијата како што тоа го прават оние околу вас. Можеби би поминале повеќе време во својата неудобност, без притоа да сфатите каде лежи вистинскиот проблем. Од друга страна пак, кога некој ќе ги изложи своите критики, на некој начин вам може „да ви се отворат очите.“
Па, замислете ситуација кога некој ве критикува затоа што сте премногу бавни со вашите дневни подготовки. Иако го знаете тој факт за себе, сигурно во првиот момент ќе станете бесни и лути, при што може и да ја навредите таа личност. Секако дека оваа постапка не е во ред. Размислете подлабоко и анализирајте ја ситуацијата, па ќе извлечете нешто добро од тоа. Така, кога некој друг ќе ви посочи на вашите „мани“, вие повеќе ќе се фокусирате на нив, при што ќе ги разгледате и од поинаков аспект. Така, во оваа ситуација би можеле да сфатите дека сте бавни со своите подготовки затоа што ментално се подготвувате за претстојниот ден, ги визуализирате сите задачи кои треба да ги сработите, па и детално го планирате своето време. Иако генерално може да не ви се допадне фактот дека другите се мешаат во вашиот живот, сепак, искористете ги овие моменти за да ја подобрите својата личност, а многу е важно и да не дозволите туѓите критики да ве повредат и да ве демотивираат на каков било начин.
Вие не сте жртва
Кога некој ќе ве критикува за нешто што за вас е очигледно, испитајте ја и оценете ја неговата перспектива, па одлучете дали тој аспект од вашата личност ви се допаѓа или не. Ако сте задоволни со тоа, тогаш бидете горди дека сте уникатни, а доколку не, тогаш треба да барате нови можности за да се подобрите. Што и да одберете треба да бидете сигурни дека тоа е она што го сакате и што ви е потребно.
Бидете свесни
Да знаете кои сте и кои се вашите предности и слабости, е многу добра особина. Не заборавајте секогаш да бидете посветени на себе и научете да развивате позитивна слика и од вашите не толку позитивни карактеристики. Па, наредниот пат кога некој ќе ве критикува, наместо да реагирате нервозно, земете здив и заблагодарете им се, па одлучете дали ќе ја прифатите нивната критика или не.