Како да направите здрава пица?
Оние кои се трудат да се хранат здраво максимално ја избегнуваат пицата. Тоа е оправдано, имајќи ја предвид количината на калории, масти и хемиски додатоци кои можат да се најдат во неа. Сепак, со мали промени во приготвувањето на традиционалниот рецепт на пицата, таа може да се претвори истовремено и во здрав и во многу вкусен оброк.
Тесто – Избегнувајте да приготвувате тесто со бело брашно, исто како и замрзнатото тесто за пица. Наместо тоа замесете тесто со интегрално брашно, кое има многу поголема хранлива вредност од белото, вкусно е и подолго ќе ве држи сити.
Сос – Разните видови кечап кои се наоѓаат на полиците во супермаркетите се полни со најразлични хемиски додатоци. Наместо со нив, тестото премачкајте го со домашно приготвен сос од домати, маслиново масло и зачини. Не само што е поздрав, туку е и многу повкусен од кечапот.
Месо – Повеќето сувомесни производи едвај содржат месо во нив за да можат да го носат тој назив, а освен тоа се полни со хемиски додатоци кои штетно влијаат на метаболизмот. Следниот пат кога ќе приготвувате пица заменете ги со пилешко или мисиркино месо, малку сланина или пршута.
Зеленчук – Домати, пиперки, кромид, лук, тиквички, печурки, маслинки… Само имагинацијата е граница за тоа каков сè зеленчук може да ставите во вашата пица. Битно е само да го има во што поголема количина.
Сирење – На крај ставете какво било сирење, но најдобро е да биде со ниска масленост.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.