Како да направите вашите модни комбинации да изгледаат гламурозно?
Здодеано ви е секојдневно да носите блузи и обични фармерки? Сакате да го „зачините“ вашиот изглед, но не знаете како? Пред вас се наоѓаат 4 успешни начини за да го подобрите вашиот стил и да го направите повпечатлив и гламурозен.
1. Пронајдете ја вашата стилска инспирација
За почеток пронајдете ја вашата стилска икона. Некој што одговара на вашиот стил, односно личност во чиј стил можете да се замислите. Тоа не значи дека ќе ги копирате туѓите модни комбинации туку само ќе го подобрите вашиот изглед со задолжителниот личен печат. Можете да пронајдете инспирација во секој ќош. Обрнете внимание на светските модни девојки, погледнете ги идеите кои ги даваат модните магазини, дознајте што познатите девојки поставуваат на своите социјални мрежи… Никогаш не знаете кога ќе „налетате“ на нешто што ќе ви се допадне.
2. Следете ги трендовите
Тоа што одите во чекор со актуелните трендови не значи дека немате сопствен стил. Никој не очекува од вас „слепо“ да ги следите трендовите и целосно да се загубите себеси во морето од нови модни трендови. Секогаш можете да создадете впечатлива модна комбинација со некое старо парче облека и некое ново тренди парче облека. Исто така, дајте си малку слобода и обидете се да комбинирате некои неспојливи парчиња облека. Измешајте спортски и елегантни комбинации, ставете впечатлив шешир, облечете широка јакна или подобрете го вашиот изглед со марама која на прв поглед изгледа преголемо.
3. „Зачинете“ ги вашите модни комбинации со тренди облека
Секогаш избирајте квалитет пред квантитет. Подобро е да вложите пари во една безвремена чанта отколку да имате полн гардеробер чанти со ограничен „рок на траење“. Знаете како велат, колку пари толку музика. Истото правило важи и за облеката и за обувките. Од друга страна, добро размислете кога ќе купувате парчиња кои се само моментално актуелни. Доколку е нешто кое за неколку месеци нема да биде популарно, или пак нешто кое не е лесно за комбинирање, постои шанса дека подоцна ќе ви биде жал за вложеното време и парите.
4. Сѐ што носите, носете со самодоверба
Најважно од сѐ е да се чувствувате добро во она што го носите. Ако во одредена облека ви е неудобно или не знаете да одите во чевли со висока потпетица, тоа ќе се забележи. Заборавете на тесната облека во која одвај се движите и на онаа облека која дополнително ги истакнува вашите маани. Носете облека која ви стои добро, која ги нагласува вашите адути и со самото тоа ќе имате поголема самодоверба и ќе плените каде и да се појавите.
Кога е модата во прашање, секој од нас знае да погреши, па погледнете кои се најголемите стилски грешки што несвесно ги правиме.