Како да направите домашни производи за капење од алое вера?
Алое верата е богата со 9 витамини (А, Б1, Б2, Б3, Б5, Б6, Б12, Ц, Е), многу минерали како калциум, бакар, хром, железо, магнезиум, шеќери (гликоза и фруктоза) и др. Безбројни се придобивките од ова растение и со векови наназад се користи во медицината и козметиката. Го има во многу разни облици, дури и како сок за пиење, но најпозната форма е гелот од алое вера. Познато е дека ù дава влажност, виталност и свежина на косата и кожата, ги омекнува, а се бори и против првутот. Исто така, алое верата е одличен лек против воспаленија на кожата, изгореници, исекотини, пликови и лупење на кожата предизвикани од јако сонце, а создава и разладувачки ефект, така што е одличен за овој период од годината. Косата и кожата сигурно ви се суви по печењето на плажа, па затоа фатете се за работа – вратете им ја влажноста.
Домашен шампон од алое вера
Потребни состојки:
- 60 мл гел алое вера (купен или уште подобро исцеден од лист од алое вера)
- благ течен сапун (по можност да содржи маслиново масло или други масла)
- ¼ супена лажица сончогледово масло
- 1 супена лажица глицерин
Начин на подготовка: Убаво промешајте ги сите состојки и сипете ги во празно шише од шампон. Затворете го шишето со капачето и оставете го приготвениот шампон на собна температура ако не го користите веднаш.
Начин на употреба: Пред секоја употреба, протресете го шишето со домашен шампон од алое вера. На мокра коса нанесете на раката од шампонот, масирајте ја косата и оставете да постои на неа неколку минути. Потоа убаво исплакнете.
Предности: Шампонот од алое вера помага во повраќање на влажноста на оштетената коса. Во летно време косата најмногу се суши од јакото сонце, особено за време на летниот одмор, па ова ви е здрава, одлична и евтина замена за купечките шампони за коса.
Домашен балсам за коса од алое вера
Потребни состојки:
- половина лимон
- 60 мл гел од алое вера
- етерично масло
Начин на подготовка: Исцедете половина лимон на цедалка и сипете го во сад и потоа додадете 60 мл алое вера гел, кој можете да го набавите од аптеките. На крајот додадете 3-5 капки етерично масло со вашиот омилен мирис, за дадете личен печат на вашиот регенератор и убава арома.
Начин на употреба: Измијте ја косата со шампон. Откако убаво ќе го исплакнете шампонот, нанесете од приготвениот балсам од алое вера, фокусирајќи се најмногу на врвовите од косата и скалпот. Оставете го да стои на косата 3-5 минути и потоа убаво исплакнете ја косата.
Предности: Балсамот од алое вера е познат по тоа што длабински ја повраќа влажноста и виталноста на косата, а помага и во борбата против првутот.
Додатни трикови:
- Направете одлична маска за коса мешајќи еднакви количини маслиново масло и алое вера гел. Нанесете од смесата на косата, исчешлајте ја убаво од коренот кон врвовите за да се распореди и оставете ја маската така да стои 30 минути. Потоа убаво исплакнете ја косата.
- Нанесете алое вера гел директно на скалпот и оставете така да седи 30 минути, за да се борите против досадниот првут и да го стимулирате растот на вашата коса. Исто така, ако нанесете алое вера гел директно на косата и преспиете со него, тој ефикасно ќе делува на освежување и обновување на влакната на вашата коса.
- Додадете алое вера гел на вашиот шампон. Во шишенце полно со 250 мл шампон, додадете 1 супена лажица алое вера гел.
Предупредување: Темелно исплакнете го со млаз вода растворот од вашата коса, по препорачаното време.
.
Домашен гел за туширање од алое вера
Потребни состојки:
- 1300 мл дестилирана вода
- 1 лажиче сол
- 250 мл густ шампон за коса
- 60 мл алое вера гел
- етерично масло од камилица, невен или лаванда
- прехранбена боја
Начин на подготовка: Загревајте 1300 мл дестилирана вода додека да стане иста колку температурата на собата. Дестилирана вода користете ако сакате гелот да има замаглен ефект, какви што се купечките гелови. Истурете го шампонот во сад, додадете ја водата и убаво измешајте. Потоа додадете ги алое вера гелот и солта. Капнете неколку капки етерично масло и прехранбена боја по ваш избор. Убаво мешајте ги сите состојки, додека да се формира цврст гел. Можете да ја прилагодувате количината на прехранбена боја и етерични масла, додека не ги добиете посакуваната боја и мирис. Приготвениот гел за туширање сипете го во шише од шампон или нешто слично и употребувајте го на секое капење. Рок на употреба му е 6 месеци.
Предности: Гелот за туширање од алое вера е природен балсам за тело, кој ќе ја одржува влажноста на вашата кожа и ќе ја направи мека и нежна после секое капење.
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.