Како да му создадете рутина на вашето дете за миење на забите пред легнување?
Создавањето постојани и предвидливи навики на секое дете е од особена важност, бидејќи тие му помагаат полесно да разбере и да научи што го очекува секојдневно. Овие навики воедно можат да го олеснат стресот што го поминуваат некои семејства пред заспивањето на нивните деца.
Моќта и значењето на 3B: Brush, Book & Bed
- Brush – Помогнете им на вашите деца да ги измијат своите заби.
- Book – Прочитајте им ја омилената книга или приказна.
- Bed – Легнување во кревет во исто време секоја вечер.
На сите помали деца им е потребна помош од своите родители при четкање на нивните заби со цел правилно изведување на оваа навика. Доколку е можно, научете ги децата да го плукаат вишокот од пастата за заби. Запомнете, последното нешто што треба да го направите пред спиење е четкање на забите!
- Штом се роди бебето: Започнете со грижата за неговото орално здравје. Користете мека газа за да ги избришете непцата на вашето бебе после доење или хранење. Запомнете да не го оставате бебето во креветчето со шише полно со млеко. Кога ќе планирате да воведете поцврста исхрана, изберете здрава храна за да го намалите ризикот од расипување на забите.
- Деца на возраст до 3 години: Штом никне првото запче на вашето бебе, можете да започнете со четкање. Користете многу малку паста за заби (количина колку зрно жито) богата со флуориди и четкајте 2 пати на ден.
- Деца на возраст 3 – 6 години: Користете паста за заби богата со флуориди со количина колку зрно грашок. Добро е да ги оставите децата да вежбаат четкање на забите, но на крајот сепак повторно треба вие да им ги исчеткате соодветно.
По четкање на забите пред спиење, пронајдете удобно место да седнете и да читате заедно со вашето дете. Поминувајќи одредено време, дури и само 15 минути секој ден, читајќи на глас, ќе помогнете во подобрување на развојот на јазикот на вашето дете и на неговите социо-емоционални вештини. Создавајте и свои приказни, користете измислени гласови, пејте песни и уживајте во ова посебно време поминато со вашето дете. Посетете ја вашата локална библиотека или книжарница и дајте му на вашето дете можност да истражува различни книги.
Откако сте ги исчеткале забите и сте прочитале неколку приказни, сега време е за спиење. Спиењето е многу важно за здравјето и благосостојбата на вашето дете. Всушност, добрите навики за спиење започнуваат уште од раѓањето. Сепак, да се натераат малите деца да заспијат и да останат заспани е често една од најпредизвикувачките задачи на родителството. Без оглед на возраста на вашето дете, клучно е да имате предвидлива серија чекори, односно рутински постапки, што ќе му помогнат да заспие.
Поставете ред во времето за спиење навечер и придржувајте се до него. Доколку можете, воведете и време за дремка во текот на денот. Не чекајте вашето дете да почне да ги трие очите или да се проѕева – бидејќи тогаш е веројатно доцна. Легнувањето во кревет 15 до 20 минути порано, може да направи голема разлика и да овозможи секое дете да има добар и мирен сон.
Пишува: д-р Бојан Ангеловски