Како да ја зголемите вашата продуктивност?
Дали ви се случува да легнете навечер и да си речете дека не сте завршиле ни половина од работите кои сте ги планирале за денот кој изминал? Еве како да ја зголемите вашата продуктивност, да го победите уморот, досадата и сите нешта кои ви го одвлекуваат вниманието.
Забранет пристап до интернет
Интернетот е важна компонента на модерниот живот. Вистина е дека во многу наврати е неопходен и е вистински извор на информации. Но исто така, интернетот е број 1 занимација која ви го одзема вниманието. Ќе седнете да завршите некоја задача, но ќе ви текне да го проверите профилот на некоја од социјалните мрежи, набрзина да ѕирнете што има ново и дали некој ви пратил „животи“ за некоја од игрите кои ги играте.
Кога ќе решите дека треба да направите нешто, тогаш најдобро би било самите да си забраните пристап до интернет. Доколку вашата работа бара од вас да бидете пред компјутер и да користите интернет, тогаш забранете си пристап до социјалните мрежи.
Ќе си речете само да видам што има ново на Фејсбук, и ете залудно заминале 20 минути од вашето скапоцено време. Не само што ви одзема време туку и ве деконцентрира. Ќе преживеат твитерџиите и без вас – во часот кој следи вие имате задача која треба да ја завршите!
Листа со задачи
To-do листите никогаш не излегуваат од мода. Не само што ќе се чувствувате вистински успешно откако ќе ги исполните, ваквите листи ве насочуваат, ви помагаат да останете организирани и не ви дозволуваат да заборавите некоја од вашите обврски.
Но, она што е важно е начинот на кој ги употребувате таквите листи. Како прво, за да бидете вистински продуктивни следејќи ја вашата листа со задачи, мора да бидете навикнати да го правите тоа. Ако веќе сте почнале, правете ги постојано инаку ќе заборавате да ги погледнете работите кои сте ги запишале и нема да створите навика за да ги исполнувате. Друга важна работа е да ги запишувате вашите задачи според временскиот период во кој треба да бидат завршени и според истиот да ги подредувате по редослед. Така полесно ќе се движите низ листата. Сè е навика и важна е шемата според која го навинувате вашиот мозок.
Не запишувајте непотребни работи ниту пак премногу општи. Нема потреба на вашата листа да стои дека треба да го нахраните вашето милениче кога во секој случај го правите тоа постојано. Не пренатрупувајте ги листите со непотребни работи.
Одберете го вистинскиот систем за вас
Сите сме различни и сите би требало да си создадеме навики кои ни годат според времето со кое располагаме и според начинот на кој ги извршуваме работите. Најдете систем на исполнување на обврските кој најмногу ви одговара вам. Ако сте најконцентрирани наутро, тогаш важните нешта исполнувајте ги заедно со вашето утринско кафе. Доколку сте личност кој работи подобро под притисок, тогаш самите поставете си крајни рокови; ако по природа сте личност која ги одложува важните обврски, тогаш за инает на сите сили кои ве влечат назад, исполнете ги прво работите кои се потешки и пообемни. За брзо ќе сфатите дека нема од што да се плашите и ќе ви прејде во навика да бидете точни и продуктивни.
Победете ги уморот и досадата
Секако дека може да изгубите концентрација, особено доколку исполнувате обемна ментална задача. Ќе добиете ужасна желба за сон и во вас ќе се јави инстинкт кој ќе ви рече дека едноставно ви е премногу здодевно. Одете под ладен туш, направете јако кафе, сменете ја просторијата во која работите, одморете неколку минути па вратете се на работа. Најдете начин да ги победите уморот и здодевноста и фокусирајте се на вашата задача.
Фокусирајте се на исходот
Што ќе биде кога ќе ја завршите задачата? Можеби ќе бидете наградени или барем ќе знаете дека сте направиле голем чекор и ќе ви биде многу полесно. Кога ќе помислите да се откажете и она што го правите да го оставите за утре или задутре, размислете колку би било прекрасно оваа вечер да си легнете знаејќи дека сте ја завршиле работата.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.