Како да ја задржите самодовербата откако ќе ја изгубите работата?
Вашата вредност не е определена од надворешните фактори, туку од внатрешниот повик што ве води кон она за што сте дојдени на овој свет. Многу луѓе го поврзуваат целиот свој идентитет со работното место, што не е ни чудно затоа што растејќи ја прифаќате пораката дека вашата вредност зависи од одобрувањето што го добивате од другите, кога тие ги оценуваат вашиот изглед, однесувањето и достигнувањата. Кога ќе добиете одобрение засновано на тоа, се чувствувате вредни, а кога нема да добиете одобрување, верувате дека нешто не е во ред со вас. Толку многу луѓе ги изгубија своите работни места во последниот период, што почнуваат да се сомневаат во својата вредност.
„Мојот живот драстично се промени кога научив да ја дефинирам мојата вредност одделно од мојот изглед, од моите перформанси и од моите достигнувања“, вели д-р Маргарет Пол, експерт за лични односи и автор на книги на оваа тема. „Дали некогаш размислувате за она што сè уште постои, односно каква е вредноста на човекот и како воопшто може да се дефинира? Како ја дефинирате вашата вредност?“, прашува авторот, додавајќи неколку критериуми што повеќето луѓе ги земаат предвид во таквиот процес.
Најчесто се чувствувате вредно кога:
- другите го одобруваат вашиот изглед и начин на однесување
- другите ви се обраќаат
- добивате внимание од другите
- сте во врска
- некој ви одобрува со кого да бидете во врска
- другите ве слушаат и прават убави работи за вас
- знаете дека завршивте добра работа
- знаете дека изгледате добро
- заработувате одредена сума пари
- имате деца
Проблемот со ова е што ја дефинирате вашата вредност според она што го мислат другите или според некоја надворешна ситуација или вредносен систем. Помислете на пријателите што навистина ги цените. Што цените кај нив?
Дали се тоа нивните пари, автомобилот, домот, славата или нивниот успех?
Или нивната љубезност, грижа, дарежливост, чесност, сигурност и начинот на кој ви покажуваат дека ве ценат и ве сакаат?
Дали се тоа нивната смеа, нивната авантуристичка природа, нивната смисла за хумор, начинот на кој ве слушаат и тоа што се присутни кога ви требаат?
Дали нивната вредност го одредува фактот дека никогаш не ви недостасувале теми за разговор? Дали се тоа нивната креативност, интуиција, духовност?
По овие прашања, авторот посочува дека најчесто нивните внатрешни вредности се она што вие го цените повеќе од надворешните карактеристики.
„Тоа е она што треба да започнеме да го цениме кај себе. Можеме да ги изгубиме нашите надворешни карактеристики: пари, работа, изглед и слично. Но, никогаш не го губиме она што навистина сме: нашата суштина, односно нашата душа“, вели авторот.
Но, таа додава дека можеме да изгубиме контакт со она што навистина сме. Овој период кога се менуваат многу надворешни карактеристики е најдоброто време да го обновите тој контакт. Еве како:
Изградете ново „јас“
Сите ние во нашите души носиме нешто што нè прави среќни и нè придвижува. Тоа е нашиот вистински повик, она за што сме дојдени на овој свет и што треба да го одработиме. Ако досега не сте биле многу воодушевени од работата што ја работите или од начинот на кој живеете, размислете дали можете да го искористите тој „внатрешен повик“ за да се отворите кон вистинската суштина и да откриете што ве радува.
Започнете да ги слушате вашите чувства, исто како што би ги слушале чувствата на дете што го сакате. Ако вашата работа или начинот на кој го поминувате времето не е нешто што ве исполнува, послушајте го внатрешниот повик.
Насочувањето кон она што ве исполнува и ви носи радост ве тера да се поврзете со вашето вистинско јас и да ја откриете вашата вистинска вредност. Дојдовте на овој свет за да ја развивате вашата способност за љубов, почнувајќи од тоа да се сакате себеси и да ја дефинирате вашата вистинска вредност.
Прочитајте кои 30 знаци откриваат дека имате ниска самодоверба и дека треба да научите да се сакате себеси.