Како да ја одржувате љубовта во врската со вашите родители?
Лесно е да ги сакате родителите кога сте деца. Тогаш живеете со нив, тие се грижат за вас и за вашите основни потреби. Но, како што растете и сте исполнети со повеќе активности, од кои најпрво доаѓа студирањето, потоа бракот и основањето сопствено семејство, сфаќате дека сѐ потешко е да им посветувате внимание и ним. Но, тие никогаш нема да ве заборават. Без разлика колку години имате, тие ќе ви се јават дури и само за да ве прашаат дали сте добро. За некои ова може да претставува измачување, додека пак многумина поинаку ги сфаќаат овие мали дела на добрина. Па, еве неколку практични начини кои ќе ви помогнат да им го покажете своето внимание и грижа на најважните личности во вашиот живот.
1. Одвојте време за да се поврзете со нив
Наместо пари или подароци, многу од родителите повеќе го ценат времето поминато со нивните деца, затоа што тоа им дава шанса да се поврзат со нив. Прекрасно е да знаете дека можете да ги оставите другите работи на страна, па да зборувате и правите нешта со вашите родители. Неколку часа во неделата одвоени само за нив ќе ви помогнат да ги сочувате вашите блиски односи.
2. Покажете ја вашата благодарност
Многумина претпоставуваат дека нивните најблиски знаат колку тие ги сакаат, па затоа немаат навика да го покажуваат тоа. Но, заблагодарувајќи им се на родителите или пак кажувајќи им колку ги сакате, може да има многу позитивен ефект на вашата врска. Научете што ги прави среќни и покажете им колку сте им благодарни.
3. Простувајте, наместо да се лутите
Улогата на родител е тешка и исцрпувачка, а не постои вистински или погрешен, туку само здрав начин на воспитување на своите деца. Затоа, кога родителите ќе се обидат да ви се „мешаат“ во вашите работи, не критикувајте ги, затоа што тие тоа го прават со најдобра намера. Доколку на некој начин се чувствувате повредени од нив, тогаш не чувајте ја горчината во себе, туку само зборувајте, кажете им како навистина се чувствувате и обидете се да им простите. Покрај другото, простувањето повеќе е важно за вас, отколку за нив, затоа што така ќе можете да живеете во поголем мир и повеќе ќе ги сакате.
4. Искажете ја почитта со своите зборови и постапки
Покажете дека ги почитувате своите родители со тоа што ќе зборувате добро за нив во нивно присуство, но уште поважно е да го правите ова кога тие не се таму. Исто така обидете се да ги почитувате нивните совети, а наместо да ги истакнувате нивните слабости, пофалете ги. Не мора секогаш да се согласувате со она што тие ви го зборуваат, но секогаш вреди да се слушнат нивните искуства и да се учи од нивните грешки.
5. Помогнете им во извршувањето на домашните обврски
Иако многу родители мислат и дејствуваат како да можат сѐ да сработат, реалноста е дека нивните тела веќе не се толку издржливи. Тоа не значи дека тие се слаби, но нивната физичка сила не е како порано. Затоа, помогнете им во извршувањето на домашните обврски и покажете им не само дека ги сакате, туку и дека се грижите за нивното здравје. Ним им треба повеќе одмор, па затоа оставете им повеќе време да се релаксираат.
6. Споделете ги со нив случувањата од вашиот живот
Исто како и вашите пријатели, така и вашите родители сакаат да знаат што се случува во вашиот живот. Споделувајте со нив дури и да мислите дека тоа се некои небитни работи. Ова е вистински начин да се поврзете со нив, особено ако имате различни интереси. Вашите родители сакаат да се смеат и да тагуваат заедно со вас, па како би го направиле тоа доколку не им кажете што се случува во вашиот живот?