Како да ја направите 2014 незаборавна и најдобра година досега?
Пред дочекот на новата година сите чувствуваме неизвесност и голема возбуда за деновите пред нас. Таа возбуда и желба за нова авантура никогаш не смее да згасне. Ова е рецептот за незаборавна 2014, најдобрата година во вашиот живот!
Испланирајте големо патување
Имате омилено место кое отсекогаш сте сакале да го посетите? 2014 е вистинската година за таков потег! Секогаш го одложуваме остварувањето на нашите соништа со изговор дека немаме доволно пари или време, дека имаме важни обврски кои треба да ги завршиме пред да се одлучиме на таков чекор. Но вистината е дека доколку чекате никогаш нема да ги имате сите погодности кои ги барате.
Одберете ја вашата дестинација како и сопатниците и испланирајте патување од соништата. Почнете да штедите и да барате погодни понуди од туристичките агенции за конечно да го остварите својот сон.
Така 2014 нема да биде обична година, туку годината на големото патување до вашата омилена дестинација!
Поставете си цел и остварете ја
Нема нешто поубаво од чувството на исполнетост, она чувство дека сте го изоделе тешкиот пат, но дека сте стигнале до целта. Не бидете скромни, целете на високо! Што е она што веќе подолго време имате наум да го направите но никако да соберете храброст за првиот чекор? Можеби да продолжите со своето образование, да отворите свој бизнис, конечно да положите за возачка дозвола… што и да е, зацртајте го како ваша голема и примарна цел. Да, ќе ви биде тешко, но најсладок е оној успех до кој најтешко се стигнува.
Нека биде година на првите чекори!
За што и да станува збор во животот, највозбудливи се првите, „бебешки“ чекори. Без разлика дали станува збор за прво појавување на телевизија, прво вистинско заљубување, прво искуство со скокање со параглајдер или нешто друго, секој месец поставувајте си за цел нови авантури кои никогаш претходно не сте ги искусиле. Така ќе останете возбудени и авантуристички настроени во текот на целата година, а и ќе има по што да ја паметите.
Ослободете се од товарот од минатото
Доколку со себе носите голем товар од минатото и упорно одбивате да се ослободите од него, вие свесно продолжувате да живеете во минатото наместо да продолжите понатаму. Клучот за среќа е живеењето во овој момент. Токму сега, овој ден, што може да направите за себе и за оние околу вас?
Да, секој има товар од минатото и секој од нас чувствува неизвесност за иднината, но што се случува со сегашниот момент? Ослободете се од грижите за иднината и простете им на оние кон кои чувствувате горчина поради која било причина. Започнете ја оваа година со слободен ум и чисто срце, подготвени да им посакате добредојде на сите нови, среќни моменти.
Одлучете кога ќе кажете „да“ а кога „не“
Да – кога вашиот пријател ќе ве повика на нова авантура без изговор дека имате премногу обврски, обврските никогаш не завршуваат. Да – кога ваш близок ќе ве замоли за услуга, дајте сè од себе за да помогнете.
Не – кога некој бара од вас нешто што ви одзема драгоцено време, што ве унесреќува и ве става под притисок.
Проширете ги своите знаења и вештини
Никогаш не пропуштајте можност да ги надградите своите знаења, да ги проширите своите хоризонти и да бидете отворени за нови предизвици.
Запишете се на курс, читајте што е можно повеќе книги, земете учество во разни проекти и семинари. Просто бидете отворени за сè што би овозможило ваш натамошен развој на секое поле. Кога сте отворени за нови можности, тие самите ќе дојдат кај вас.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.