Како да изградите свој стил на облекување?
Секогаш е забавно да се следат најновите модни трендови, но модата не претставува слепо следење на најжешките новитети, туку пронаоѓање на самите себе. Чувството за личен стил и искажување на себеси преку облеката, е основа на секој добар изглед. Откако точно ќе разграничите каков стил ве изразува вас, ќе можете лесно да ја носите облеката правилно, ќе знаете што ви стои добро, а што не.
Еве како можете лесно да изградите свој стил:
Одлучете кои се вашите бои
Имањето сопствена палета на бои во плакарот е карактеристика на секоја жена или девојка со стил. За да одлучите кои се вашите бои обрнете внимание на бојата на вашата коса и очи, како и вашиот тен, па според тоа да одлучите во кои бои изгледате најдобро. Тоа не значи дека мора да бидете ограничени само на две или три бои, туку да ги знаете нијансите кои соодветствуваат со вашиот стил. Така и додека купувате ќе можете полесно да ја одбирате облеката.
Одберете нешто според кое ќе бидете препознатливи
Исто како што Блер Волдорф е препознатлива по ланчето со буквата „B“, имајте и вие нешто по што ќе бидете препознатливи. Кога некој си има свој стил и го носи со самодоверба, им се допаѓа на луѓето дури и ако не е по нивни вкус. Најчесто парчето облека или накит според кое ќе бидете препознатливи, не го избирате вие, туку тоа ве избира вам. Станува збор за омиленото парче, важен подарок или нешто што ви е од големо значење. Не мора да биде одредено парче накит, туку вид облека, накит или фризура. На пример, облека на риги, коса извиткана во кадрици, долги фустани, цветни дезени и сл.
Откријте ја формата на вашето тело
Познавањето на формата на вашето тело значи дека знаете кои парчиња облека ги нагласуваат вашите предности, а кои вашите негативности. Ова е важен чекор во формирањето на вашиот стил и лесно ќе одбирате облека која ви одговара. Облеката која ја одбирате не мора по секоја цена да биде најмодерна и само добро да ви изгледа од око, туку да одговара на вашето тело. Запамтете, облеката треба да се прилагоди на вас, а не вие на облеката. Но најважно од сè е да ја носите со самодоверба. Наместо постојано да се жалите поради големиот стомак, одвлечете го вниманието кон вашите нозе или гради.
Документирајте го својот стил
Освен што е одлична идеја која ќе ви помогне во креирањето на својот стил, ова е навистина интересен проект. Соберете ги на едно место вашите омилени комбинации од минатото и продолжете да ги запишувате сите позначајни промени во вашиот изглед. Така ќе ви се развие чувството за тоа која и каква облека ви стои добро, а исто е супер начин самите да забележите како вашиот стил се унапредил и променил. Воедно, добро е да имате некаква инспирација, како ретро изглед или стилот на некоја позната личност. Не значи да копирате некого туку да се насочите кон нешто. Можете да зачувувате слики во папка на вашиот компјутер или да ги одбирате омилените комбинации од страниците на модните списанија.
Измешајте: нешто ново, нешто старо, нешто позајмено
Најдобар пат до оригиналност е да измешате нешто. Повеќе стилови или модни комбинации, но секогаш претпазливо. Во вашиот гардаробер пробајте да вметнете нешто старо, како на пример накит од вашата баба, марама од вашата мајка и сл. Имајте и по нешто од новите трендови, можете да „украдете“ изглед од црвениот тепих, па дури и да позајмите нешто од вашата сестра или пријателка. Најдете добар баланс меѓу овие три работи и внимателно измешајте ги за да добиете уникатен, ваш изглед.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.