Како да го воспитате вашето девојче во добата на Кардашијан?
Поголемиот дел од тинејџерките отсекогаш се споредувале со своите идоли, а бидејќи децата во денешно време се опкружени со дигитални медиуми и социјални мрежи, популарните личности многу лесно пронаоѓаат пат до нивното срце. Децата едноставно го впиваат она што го гледаат на екранот и тоа станува нивна реалност.
Познатите актери, спортисти, пејачи или модели барем извесно време имаат важна улога во животот на секој тинејџер, додека во некои случаи почетната одушевеност од сјајот и гламурот на ѕвездите кои изгледаат многу поубави и поинтересни од нивниот живот, прераснуваат во опсесија. Наметнатите идеали за убавина и совршен изглед понекогаш може да ја искриват сликата која девојчињата ја имаат за својот физички изглед. Медиумските фотографии за тоа како би требало да изгледаме може да влијаат врз самодовербата, а понекогаш поттикнуваат размислување за започнување на диета или естетски зафати.
На такви влијанија се подложни девојчињата кои сѐ уште целосно не развиле јасна и здрава слика за сопственото тело и сопствениот идентитет. Бидејќи живееме во „добата на Кардашијан“ каде што повеќе од кога било се користат виртуелните медиуми и каде што надворешната убавина се истакнува како еден од главните критериуми за успех, многу е важно да воспитате и израснете самосвесно девојче.
Идолите не треба да бидат ноќна мора
Во бјути светот секојдневно работи и шминкерката Михаела Додиќ која е запознаена со трендот на фотографирање без шминка и споделување на таквите фотографии на социјалните мрежи. Но, трендот на „природна убавина“ изгледа дека не е целосно природен.
„Лицата на многу насловни страници не се целосно без шминка. Иако не изгледа така, тие носат многу шминка и нивните лица се средувани во Фотошоп. Зад тоа се крие една цела машинерија, луѓе кои заработуваат пари“, изјавила Михаела Додиќ.
Таа во тоа не гледа ништо лошо. Од друга страна пак, истакнува и дека е многу поважно колку ние ги „пумпаме“ децата со самодоверба. Но, идолите не треба да бидат ноќна мора за родителите. Ако разговарате со децата, помогнете им да погледнат околу себе и укажете им на некои други работи. Така многу ќе им помогнете и ќе влијаете врз нивниот правилен развој. Исто така имајте ум дека акцентот треба да биде на разговорот, а не наметнувањето мислења и забрани.
Токму ова го знаат и неколку мајки. Тие се согласија со еден важен став.
Комуникацијата е важна
„Звучи како клише, но потребно е да разговарате со децата и да ги прашате што ги интересира, да разговарате за тоа што смеат да објавуваат на социјалните мрежи, а што не. Моите девојчиња немаат Фејсбук профил, бидејќи сѐ уште немаат 15 години, но имаат Инстаграм и ‘висат’ на Јутјуб од утро до мрак. Затоа важно е после тоа да разговарам со нив што гледале, бидејќи комуникацијата е многу важна“, изјавува Ивана, мајка на две девојчиња.
Тоа е еден од начините на кои родителите може да добијат увид во тоа кои особини и вредности ги ценат нивните деца. Важно е да им укажете на децата дека треба да ги ценат своите особини, квалитети и таленти, односно дека треба да се чувствуваат добро во сопствената кожа. Ако воспитате самоуверено дете тешко дека идолите во толкава мера ќе влијаат врз нивниот живот. Подеднакво смета и друга мајка на три ќерки, Сузана. Таа истакнува дека не треба да се плашиме од социјалните мрежи, бидејќи живееме во 21 век. Иако имаме целосен пристап до животите на славните личности, поважен е начинот на кој ние самите го насочуваме детето.
„Во детето треба да се вложува, но заради брзање и недостаток на време поголемиот дел од родителите не стигаат да го направат тоа, па често медиумите ги одгледуваат. Бидејќи воспитувањето е пресудна работа, децата уште од најмладите денови треба да почнат да се богатат со објаснувања. Нив им се потребни добри совети и правилни животни вредности. Ние мораме да знаеме да ги насочиме со сопствен пример и да не ги држиме под стаклено ѕвоно“, заклучува Сузана.
Родители, време е да ги послушате психолозите од Харвард и да ги прочитате овие совети да воспитате добро дете.