Како да го спречите негативното влијание на социјалните мрежи на вашата самодоверба?
Дали некогаш сте се нашле во ситуација детално да прегледувате нечиј Фејсбук или Инстаграм профил, потајно споредувајќи го вашиот живот со нивниот? Дали сте им се восхитувале на одредени личности поради луксузот во кој уживаат, нивниот изглед или партнер? На социјалните мрежи многу лесно нечиј живот изгледа совршено. Луѓето многу внимателно ги одбираат сликите кои ги постигаат, а секако, тука се и фото ефектите за сè да изгледа уште посовршено.
Социјалните мрежи се одличен и лесен начин на комуникација, ширење мисли и идеи и добивање инспирација, но уште полесно можат да станат главен виновник за недостигот на самодоверба. Еве како да го спречите тоа.
Сфатете дека има навистина одлични работи и во вашиот живот
Додека сте зафатени размислувајќи за нечиј успех или убав момент во неговиот/нејзиниот живот, дали имате време да размислите за сите убави нешта кои се случуваат во вашиот? Тоа што не го сликате секој можен момент кој ви го одзема здивот не значи дека сите тие моменти не се случиле.
Заменете ја самокритиката со инспирација
Да речеме дека на почетна ви излегува девојка на која навистина ѝ се восхитувате поради беспрекорниот стил и вкус за облека. Наместо да се критикувате што немате таков стил, поттикнете се себеси повеќе да работите на вашиот имиџ. Што е тоа по што сте препознатливи и уникатни? Заборавете на зависта и самокритикувањето, префрлете се на креативноста и инспирацијата, анализирајте го стилот на луѓето на кои им се восхитувате и тргнете од тука. Секако, во целиот овој процес не заборавајте да бидете свои.
Направете список со нешта за кои сте благодарни
Ова ќе ви звучи како клише, но само кога ќе се сетите на сите оние нешта во кои уживате и сите оние работи за кои сте благодарни ќе научите повеќе да го цените сопствениот живот.
Сфатете дека никому не му е сè така розово
На пример, на Инстаграм следите личност на која просто ѝ завидувате поради работата која ја има. Сè изгледа така добро, нејзината работа е динамична и авантуристичка. Мора да сфатите дека не постои совршенство и никој не живее идеален живот. Всушност, многумина и не би знаеле да одговорат точно на прашањето што е идеален и совршен живот за нив. Истата таа личност можеби се соочува со многу тешки моменти кои нема да ги најдете на Инстаграм.
Осврнете се кон оние моменти кои ве прават среќни
Можеби кога после долгиот ден ќе го видите вашиот партнер или кога се собирате на семеен ручек во недела. Не заборавајте на нештата кои ве прават среќни и секогаш наоѓајте време за нив. Кога ќе сфатите дека пребарувате по нечиј профил, излезете на прошетка со вашето куче, нешто што секогаш ве расположува.
Веднаш донесете одлука за промена
Ако нешто не ви се допаѓа во вашиот животен стил, ако за нешто упорно се критикувате себеси, сменете го уште веднаш! Станете, направете план, тргнете кон промената која ја сакате. Пасивното седење и споредувањето на вашиот живот со нечиј друг нема да ви донесе промена.
Бидете креативни
Сетете се колку сте талентирани и решителни кога сакате нешто. Вашето слободно време искористете го за некој интересен „направи сам“ проект, згответе нешто вкусно или направете креативна и уникатна декорација. Истото сликајте го и гордо погледнете го вашето дело.
Секогаш испраќајте позитивни мисли
Наместо да му завидувате некому или да го критикувате, не дозволувајте од вашата уста да излезе лош збор. Испратете позитивни вибрации бидејќи го добивате токму она што го давате. Ако навистина има добро тело, притиснете „лајк“. На крајот на краиштата, секој има нешто за што се гордее, само не заборавајте дека истото важи и за вас. Не влегувајте во виртуелни натпревари за тоа кој има подобар живот, едноставно живејте го вашиот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.