Како да го примените правилото 80/20 во вашиот живот?

Како да го примените правилото 80/20 во вашиот живот?

Популарното правило на животот, правилото 80/20 е мудар концепт измислен од страна на италијанскиот економист Вилфредо Парето. Накратко, според овој принцип, 80% од резултатите доаѓаат од само 20% од вкупниот број на вашите активности. Парето дошол до принципот така што го набљудувал 80-процентното создавање на грашокот од 20-процентните мешунки со грашок во својата градина.
Идејата на правилото 80/20 е многу едноставна. И покрај тоа што разбирањето на правилото е многу лесно, сепак неговата примена во вашиот живот може да биде малку комплицирана. Погледнете ги наредниве неколку совети кои ќе ви покажат како и вие би можеле да го применувате ова правило во вашиот живот.

Како да го примените правилото 80/20 во вашиот живот?

Искористувајте го вашето време најдобро што можете

Правилото 80/20 може да ви помогне да станете многу поефикасни и да го користите вашето време најдобро што можете. За почеток, идентификувајте ги оние дневни активности кои ви носат најмногу резултати. Идејата е дека само 20% од вкупниот број на дневните активности ви носат 80% од посакуваните резултати. На пример, ако сте решиле денес да го средувате вашиот дом, разговорите по телефон, сурфањето на интернет и гледањето телевизија воопшто нема да ви помогнат во вашата цел. Токму поради тоа исфрлете ги тие активности од вашата листа и фокусирајте се на оние нешта кои навистина ќе значат завршување на вашата работа како бришењето прашина, поминувањето со правосмукалка или средувањето на шкафот.

Откако ќе ги идентификувате најпотребните 20% од вашите активности, мора целосно да се фокусирате на нив доколку сакате да ја постигнете својата цел. Ако го направите само она што е најважно, тогаш големи се шансите дека ќе ја завршите вашата работа порано и дека останатото време ќе ви остане слободно.

Борба против стрес

Правилото 80/20 може да се употреби и како начин за намалување на стресот. Со неговата примена, веднаш можете да заклучите дека само 20% од сите ваши активности ви носат 80% од целокупниот стрес. Имајќи го ова на ум, обидете се да ги идентификувате тие активности и потоа запрашајте се себеси колку од нив можете уште веднаш да ги елиминирате.

Заработувајте повеќе пари

Овој принцип може да ви помогне и со вашата заработка. Доколку внимателно читавте до тука, сигурно веднаш заклучивте дека само 20% од вашите работни активности ви носат 80% од целосната заработка. На пример, наместо бесцелно да сурфате по интернет или пак, на секои 5 минути да станувате по нова шолја кафе велејќи си дека има време за вашата работа, фокусирајте се на работните обврски за кои сте платени. На тој начин побрзо ќе завршите со вашата работа и истовремено таа ќе биде многу поквалитетно сработена.

Заштедете повеќе

Правилото 80/20 може да ви помогне и при штедењето така што рационално ќе одредите 20% од сите ваши трошоци кои ви носат 80% од потребната вредност. Овој принцип укажува на фактот дека 80% од вашите трошоци се непотребни, а понекогаш дури и бескорисни. Имајќи го ова на ум, елиминирајте ги оние нешта без кои можете да живеете и кои немаат никакво влијание во вашиот живот и со тоа направете место за оние нешта кои навистина ви се потребни.

Создадете подобри врски

Колку и да не ви се верува, овој принцип навистина може да ги подобри вашите врски. Правилото 80/20 укажува на фактот дека само 20% од вашите врски со другите луѓе ви овозможуваат 80% од тоа што навистина ви е потребно. Со други зборови, само мал дел од луѓето во вашиот живот навистина вредат. За да изградите подобри врски, обидете се да поминувате повеќе време со тие 20% луѓе (членови на фамилијата, најблиски пријатели и партнерот) на кои и вие најмногу им значите.

Живејте посреќен живот

Со правилото 80/20 можете да имате многу подобар и посреќен живот. Обидете се да го замислите следново – вие имате многу послободно време да се фокусирате на оние нешта со кои ќе ги постигнете вашите цели, нема да бидете постојано под стрес бидејќи сте ги елиминирале оние активности кои ви приредуваат стрес, заработувате повеќе пари бидејќи сте научиле како да се насочувате кон попрофитабилните активности и градите многу подобри врски со најблиските. Со други зборови, со интегрирањето на овој принцип во вашите секојдневни активности можете целосно да го промените вашиот живот и животот на оние кои најмногу ви значат.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар