Како да го подготвите вашето дете за првата посета на стоматолог?
За многу родители првата посета на стоматолог со своето дете е голем предизвик. Таа треба да се реализира пред првата година на детето или со никнувањето на првото запче. Првата посета на детскиот стоматолог не е едноставна за детето, па затоа родителите треба претходно да го подготват и да осмислат добра стратегија. Во спротивно, многу веројатно е детето понатаму да развие страв од посета на стоматолог. Ова се некои постапки кои може да ги примените во подготовката:
Консултирајте го стоматолошкиот персонал
Најбрзата и најлесната подготовка треба да биде самата стоматолошка ординација каде што ќе одите. Консултирајте го персоналот кога ќе се јавите да закажете за тоа што може да ви понуди за да го подготвите детето за првата посета. Можеби тие имаат свои начини кои може да помогнат да се подготвите, во вид на водич за постапки кои треба да ги примените пред посетата.
Посетете ја веб-страница на ординацијата
Посетете ја веб-страницата на ординацијата за да видите дали нуди нешто што можеби сте заборавиле да го прашате персоналот додека сте закажувале. Исто така, повеќето ординации на своите веб-страници имаат фотографии или видеа на кои покажуваат како изгледа просторот во ординацијата. Овие слики и видеа покажете му ги на детето за да знае што би го очекувало при првата посета.
Читајте книги на оваа тема
Доколку сте во можност пронајдете нова книга каде главниот лик посетува стоматолог. Секако, ако не сте во можност, препуштете се на имагинацијата и раскажувајте му на детето како неговиот омилен лик го посетил детскиот стоматолог, бил многу паметен и послушен, и сега има здрава и убава насмевка. Целта е детето да се поистовети со својот омилен лик и да се мотивира пријатно да ја прифати првата посета на стоматолог. Исто така, можеби би било добра идеја да читате книга во чекалницата на стоматолошката ординација пред контактот со стоматологот.
Вежбајте посета на стоматолог во вашиот дом
Постојат неколку работи што ќе се случат во ординацијата, а кои можат да бидат многу полесно изведени доколку детето е претходно подготвено. На пример, седењето на стоматолошката столица (сами или со мајката/таткото), отворањето на устата, четкањето на забите итн. За сите овие работи можете да разговарате и да ги вежбате дома со детето пред посетата. Користете смирен тон како би ја олесниле неговата комуникација и кооперативност со детскиот стоматолог.
Генерална проба
Златното правило за подготвување на детето за на стоматолог, е детето да дојде во стоматолошката ординација пред вистинскиот ден на посетата. За време на оваа посета детето само се запознава со детскиот стоматолог и со персоналот, ја разгледува ординацијата и просторот, го осознава мирисот итн. Овие посети се одличен начин да му покажете на вашето дете дека нема од што да се плаши во стоматолошката ординација.
Посета наутро
Обрнете внимание на фактот дека посетите на детскиот стоматолог секогаш треба да бидат наутро. Тоа е така бидејќи децата во текот на денот се изморуваат, ја губат концентрацијата и поради тоа често не можат долго да седат на стоматолошката столица.
Награда
Многу ефективен метод за подготовка на детето за одење на стоматолог е наградувањето. Пред посетата кажете му дека ќе добие награда за успешно поминатата посета на детскиот стоматолог. Тоа може да биде играчка или пак некоја омилена активност која тоа би сакало да ја прави по посетата.
Пишува: д-р Бојан Ангеловски