Како да го одберете вистинскиот факултет?
Изборот на факултет т.е. вашето идно занимање е голема и важна одлука, која нема да ви влијае на животот само во наредните 4-5 години додека да ги завршите студиите, туку со неа ја одредувате и вашата лична професионална иднина. Работата со којашто ќе се бавите, освен што ќе влијае на степенот на вашето задоволство, ќе ја одреди и вашата материјална положба, социјалниот углед, изборот на пријателите и многу други работи.
Под притисокот кој со себе го носи важноста на оваа одлука, голем број идни бруцоши поради стравот од грешка, го одложуваат донесувањето на крајната одлука до последниот момент или се одлучуваат за оној факултет кој го избрале повеќето нивни пријатели. Колку е тоа среќно решение на вашиот проблем, знаете и сами.
Наместо да донесете погрешна одлука, која ќе влијае на остатокот од вашиот живот, посветете малку време на себе и концентрирајте се на прашањата кои со сигурност ќе ви помогнат:
1. Запознајте ги вашите карактерни особини
Секој од нас може да биде успешен во различни занимања, но сепак има области кои повеќе ни лежат и во кои можеме да дадеме најмногу од себе и да ги работиме со леснотија и задоволство. Затоа е потребно добро да ги познавате вашите способности, интереси и вредности.
1.1 Способности
Способностите може да бидат:
- Интелектуални (вербални, логичко-математички, просторни…)
- Моторички (координација на движење, брзина на реагирање…)
- Сензорни (визуелна и аудитивна чувствителност…)
Развиеноста на одредена способност можете да ја проверите и доколку се запрашате кои предмети во школо сте ги совладувале со леснотија:
- Дали тоа биле предмети во кои се работи во групи и од вас бараат добра меморија и речитост или подобро се справувате со индивидуални задачи?
- Дали сте биле подобри во предметите во кои е многу важна прецизноста и точноста или во оние во кои доаѓа до израз вашиот субјективен суд?
- Дали на часовите по физичко воспитување ја истакнувавте вашата спортска подготвеност и брзина во однос на останатите ученици?
- Знаете ли добро да цртате и да си го визуелизирате просторот?
- Имате ли смисла за ритам и композиција?
- Ја разбирате ли вашата внатрешна страна?
- Имате ли трпение да ги слушате другите луѓе и да им помагате?
Напишете ги сите способности коишто мислите дека ви се добро развиени и рангирајте ги. Одговарајќи на овие и слични прашања, можете со леснотија да одредите кои ваши способности ви се добро развиени и на тој начин да го стесните изборот на факултет.
1.2 Интереси
Интересите нè насочуваат кон работите со кои сакаме да се занимаваме, во кои уживаме и за кои не ни е потребно стимул од околината. Кои се активностите во кои вие најмногу уживате? Читање книги, спорт, музика, технички науки и компјутери? Направете листа со вашите интереси и рангирајте ги по важност.
1.3 Вредности
Вредноста се темели на целите кои еден поединец сака да ги оствари во својот живот. Помислете што ќе ви биде важно при идното вработување:
- да биде добро платена работата
- да можете да им влијаете на другите луѓе
- самостојно да носите одлуки
- да работите во тим
- работата да ви биде возбудлива
- да немате точно определено работно време
- да вклучува патувања
- работата да е посветена на грижа за други луѓе
- да бидете ценети
Откако ќе видите кои од овие работи ви се важни, работите ќе ви станат многу појасни. Исто така и нив ќе треба да ги рангирате по важност. При рангирањето многу е важно да бидете искрени кон себе, бидејќи има луѓе на кои им е тешко да си признаат дека сакаат мирна работа, со точно одредени обврски и работно време, не сакајќи да ги сметаат за досадни. Имајте на ум дека одбирате работа која ќе биде по ваша мерка, а не по мерка на другите.
2. Запознајте ги професиите кои ќе можете да ги работите по завршувањето одредени студии
- Распрашајте се кои работи можете да ги работите по завршувањето на одреден факултет и каква е ситуацијата за наоѓање таква работа. Дознајте кое работно место е најдиректно поврзано со факултетот. На пример, можеби вам ве интересира македонскиот јазик, книжевноста и филозофијата, но никако не би сакале да работите како учител/ка, а тоа е најчестото работно место поврзано со тие студии.
- Разговарајте со вашите пријатели за нивната професија. Притоа, обрнете внимание на фактите, а не на донесување вредносни судови. Пример, некој ви раскажува дека си ја мрази работата (вредносен суд) поради честите патувања (факт), а можеби токму патувањата вам ви се привлечни.
- Замолете ги да појдете 2-3 дена со нив на работа.
- Доколку немате пријател кој може да ве одведе, јавете се директно во компанијата и прашајте дали ќе може да дојдете да се запознаете со нивниот начин на работење и функционирање.
3. Информации од други лица
Информациите кои ги добиваме од луѓето кои ги познаваме, понекогаш можат многу да ни помогнат и да нè натераат да се замислиме во поинакво светло и да размислуваме за професии кои претходно не ни паѓале на ум.
Разговарајте со родителите, пријателите и професорите и изнудете да ви одговорат како тие гледаат на вас, кои се вашите потенцијали, што мислат која професија најмногу ќе ви лежи и во која можете да бидете успешни.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.