Како да го научите детето да се однесува одговорно со парите?
Управувањето со парите е многу важна животна вештина која не се учи на училиште, туку дома. Како ќе го научите вашето дете да се однесува со парите, така и ќе се однесува со нив. Сигурно целта ви е од него да направите млад човек кој ќе се стреми кон финансиска независност, а не кон тоа да ве гледа вас како непресушен извор на пари и постојано да очекува да ги пополните дупките кои тој самиот ги направил. Тоа можете да го постигнете ако применувате некој од овие методи додека децата сè уште се мали и интензивно учат од вас.
Касичка
Секое дете треба да има касичка во својата соба. Обрнете му внимание секогаш кога ќе ставите некоја паричка внатре за да сфати дека правите нешто важно, односно дека штедењето е важно. Растресете ја касичката и покажете му дека го цените тоа што штеди пари. Можеби на почетокот нема му биде мило што парите со кои може веднаш да добие нешто вие го терате да ги трга настрана, но кога ќе стигне наградата за тоа ќе биде помотивирано.
Џепарлак
Поголемите деца од пет години па нагоре веќе можат да добиваат џепарлак, се разбира доколку на таа возраст се доволно зрели за тоа, а сите деца не се развиваат исто. Ако му давате малку пари на почетокот на секоја недела и тоа знае дека со тие пари треба да помине до следната, кај него веќе ќе почне да се развива чувство на одговорност. Ќе научи дека количината на пари која секој човек може да ја потроши е ограничена и не може постојано да бара повеќе.
Касички за различни намени
Кога детето е поголемо и му давате џепарлак, насочете го кон штедење за различни намени. На онаа една касичка која ја има додајте уште две и сега едната нека биде за мали трошоци, како чоколатца и мали играчки, во другата нека штеди за да има пари самото да купи подарок за браќата, сестрите, другарите или другите блиски за роденден, а третата нека биде за некои поскапи работи. Секогаш кога ќе добие повеќе пари и малку ќе заштеди, ќе може да ги насочи каде што мисли дека треба.
Овозможете им и охрабрете ги да заработат
Ако тоа сака да купи нови ролерки, скејтборд или нешто слично кое чини неколку илјади денари, со џепарлакот од неколку стотини никогаш нема да успее самото да собере пари. Но, ако му овозможите некако да си ги заработи тие пари и така да добие уште некој извор на приход, тоа е можно, а ќе сфати и дека ако работи повеќе ќе има повеќе. Дозволете му да ви помогне доколку имате некаква работилница или работите работа во која би можело да ви помогне доколку извршува некои поедноставни задачи или пак дајте му повеќе пари ако заврши повеќе домашни обврски од тоа што е вообичаено. Така ќе стекне и работна етика и подобро ќе ја научи врската меѓу поголемиот напор и поголемата награда.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.