Како да го надминете чувството на безнадежност?
Дали некогаш сте посакале едноставно да се откажете? Можеби сметате дека не можете да ја подобрите вашата врска. Можеби се обидувате да изгубите некој килограм, но со години не гледате резултати. Сега е совршеното време да се потсетите дека вашата борба не завршила. Погледнете некои совети кои ќе ви помогнат да го надминете чувството на безнадежност и да станете она што сакате да бидете.
1. Не сте пробале сè
Ако долго време се обидувате да ја постигнете целта, можеби ќе ви биде тешко да го прифатите ова. Можеби сте пробале многу работи, но сигурно не сте пробале сè. Размислете за вашиот проблем и погледнете го од перспективата на некоја друга личност. Ова ќе ви помогне да дојдете до креативни решенија.
2. Почнете да се сомневате
Можеби се наоѓате во безнадежна ситуација токму поради сомнеж. Можеби некој друг се сомневал во вас, а можеби и вие самите се сомневате во себе. Но тоа што треба да го направите е да почнете да се сомневате во безнадежноста на ситуацијата. Дали навистина не можете ништо да направите?
3. Фокусирајте се на она што го имате
Кога сте безнадежни за еден дел од вашиот живот, фокусирајте се на некој друг. Фокусирајте се на работите кои ви даваат надеж за иднината, и можеби ќе ја отстраните безнадежноста пред целосно да ве обземе.
4. Направете скок
Направете нешто различно, без разлика дали верувате дека тоа ќе ви помогне или не. Не престанувајте да се обидувате сè додека не најдете нешто што ќе ви помогне.
5. Променете го фокусот
Понекогаш се лажеме дека некои работи се многу поважни отколку што навистина се. Обидете се да се убедите дека она за кое се чувствувате безнадежно не е толку важно. Можеби ова нема да ви го реши секој проблем, но ќе се изненадите кога ќе забележите дека проблемите почнале да ви се намалуваат.
6. Живејте во моментот
Медитацијата им помага на луѓето да останат во сегашноста и да не мислат постојано на минатото и на иднината. Не мора да медитирате, но сигурно можете да се фокусирате на сегашноста. Разгледајте го вашето опкружување и впијте сè што ви се случува во овој момент. Освен ако немате некој здравствен проблем, голема е веројатноста сите проблеми да се само во вашата глава.
7. Побарајте помош
Луѓето најчесто сакаат да помагаат, па кого и да го прашате, ќе се обиде да ви даде одговор кој ќе ви биде од помош. Побарајте туѓо мислење за вашиот проблем. Со свежи и нови идеи ќе почнете да чувствувате надеж. Можеби тие идеи и совети нема да ви помогнат да најдете решение, но тоа ќе ве потсети дека секогаш постои начин да ја погледнете ситуацијата од малку поинаков агол.
Секој понекогаш се чувствува безнадежно, и тоа не е нешто од коешто треба да се срамиме. Но, ако сметате дека безнадежноста е навлезена во секој дел од вашиот живот, време е да побарате помош. А ако не можете самите да се изборите со ова, разговарајте со стручно лице кое ќе ви помогне да ги надминете чувствата на очај и безнадежност.
Поставете си ги и овие прашања кои ќе ви откријат дали сте среќни.