Како да ги научите вашите деца да бидат благодарни за подароците што ги добиваат?
Понекогаш изгледа како празниците да се создадени за да го извлечат апсолутното најлошото од малите деца. Нивната дневна рутина се менува, јадат премногу слатки работи и добиваат подароци од роднини и од пријатели што понекогаш не ги познаваат. Ако не сакате вашите деца да ве засрамат за време на празниците, погледнете како да ги научите да бидат љубезни и да се заблагодарат за подароците што ги добиваат.
Вежбајте пред време
Вашата задача како родител е пред време да ги научите децата да бидат благодарни. Не треба да им држите долга лекција, ниту треба да ги учите да глумат дека премногу им се допаѓа апсолутно сè што ќе добијат. Доволно е да ги научите да велат „благодарам“.
Кажете им на децата дека некогаш ќе добијат подарок што многу го сакаат, а некогаш ќе добијат нешто што воопшто не им се допаѓа. Но, тие треба да се однесуваат љубезно кон личноста што им дала подарок, па доволно е само да се насмевнат и да речат „благодарам“.
Дозволете им да ви помогнат во донација или во купување подароци за други деца
Ако сте во можност, донирајте средства, играчки или други работи во добротворна организација што ќе им ги даде подароците на други деца или дозволете им на вашите деца да учествуваат во купувањето подароци за семејството и за пријателите. Во тој случај, не ги учите само на љубезност и на добротворност, туку им помагате и да разберат дека кога некој ќе им подари подарок, тој вложил време, труд и пари.
Помогнете им да ги искажат своите чувства
За децата е многу тешко да се воздржат да не ги отворат сите подароци одеднаш, посебно затоа што во тој период се многу возбудени и помалку спијат. Ако вашето дете не може да дочека да ги отвори подароците, вие треба да ја препознаете возбудата. Понекогаш децата се однесуваат лошо само за да ве натераат да ги разберете нивните чувства. Кажете им дека разбирате како се чувствуваат, а тоа ќе направи тие да престанат да се однесуваат лошо. Наместо да мислите дека вашето дете е алчно, не заборавајте дека навистина е возбудено.
Проверете ги вашите сопствени очекувања
Децата може да научат да се однесуваат учтиво, но експертите за развој велат дека децата помали од 8 години немаат вештини за целосно да сфатат што значи благодарност. Кога ќе бидат малку поголеми, ќе можат да ја разберат ситуацијата од гледна точка на тој што го дава подарокот. Кога децата се мали, нивниот когнитивен развој не им овозможува да разберат какво е искуството за другата личност.
Секогаш имајте ги на ум возраста и развојот на вашите деца пред да започнете да паничите дека имате разгалено дете. Освен тоа, дури и ако совршено ги научите своите деца на основните манири, не заборавајте дека децата понекогаш знаат да бидат премногу искрени. Тие едноставно ќе го отворат подарокот и ќе појаснат дека не им се допаѓа или дека веќе имаат таков подарок.
Прочитајте кои се 5-те проблеми во модерното воспитување поради кои родителите се „робови“ на своите деца.