Како да ги насочите мислите кон остварувањето на вашата цел?
Насочувањето на мислите кон нешто големо ги обликува нашите животи, така што нештата на кои обрнувате или не обрнувате внимание можат многу да влијаат на насоката во која се движите. На пример, да замислиме дека сте купиле црвен автомобил Цитроен. Сигурно околу себе ќе почнете да забележувате колку всушност вакви модели има на патот. Но, факт е дека ги нема ништо повеќе отколку што биле пред вие да го купите својот автомобил. Ова покажува колку повеќе забележувате некои работите кога размислувате за нив.
За да остварите некоја цел најпрво би требало да ги фокусирате мислите и да го смирите вашиот ум за да не размислува еднаш за една, а потоа за друга работа.
Негативните чувства, како што се стравот, лутењето или нервозата, дополнително ја влошуваат нашата перцепција на околината. Исто така, лошите вести оставаат подлабок впечаток на нас отколку добрите. Колку повеќе внимание посветувате на негативностите и негативните чувства, толку повеќе вашиот свет и вашата перспектива се потесни. Но, штом ќе го насочите вашето внимание кој позитивното, ќе ги проширите и вашите видици.
Колку пати ви се случило додека пешачите да разговарате со некого преку телефон, па потоа воопшто да не се сеќавате како сте стигнале од едно на друго место, или толку многу сте се задлабочиле во некоја возбудлива книга што не сте забележале ништо околу себе? Во тие моменти нашето внимание станува доста длабоко иако тоа се одвива несвесно. Тоа вообичаено се случува кога се занимаваме со она што го сакаме и во она што уживаме. За да можете ова да го примените и на другите активности, кога било ќе посакате, ќе мора добро да го извежбате.
Вежбајте го насочувањето на вниманието. Секој ден, кога ќе правите нешто, обидете се да се посветите во целост на таа активност. Кога читате книга, посветете ѝ се само на неа, а не размислувајте на тоа што ќе јадете, каде би можело да отидете и слично. Кога јадете, насочете ги мислите на храната која ја јадете, како и на нејзиниот мирис и вкус. Во текот на туширањето, обрнете внимание на тоа како го сапуните телото, како го миете. Многу е корисно да ја вежбате концентрацијата, но доколку немате време за тоа, тогаш можете целиот ден да го претворите во вежба – обрнувајте внимание на секоја активност која ја правите и во целост посветете ѝ се. Започнете од миењето заби, шминкањето, па сè до работните обврски.
Кажете им „не“ на оние што ви го одвлекуваат вниманието. Кога ќе се задлабочите во некоја задача, немојте веднаш да реагирате на секоја порака која ќе ви пристигне на телефонот, односно немојте веднаш да прекинете со тоа што го правите и да преминете на некоја друга задача, само затоа што на вашиот колега токму сега му е потребно нешто.
Овие корисни вежби не само што ќе ви помогнат полесно да го насочите вниманието и концентрацијата, туку и сите работи ќе ги извршувате подобро, поефикасно, па дури и побрзо. Само неколку минути дневно ќе ви помогнат да ја развиете моќта на концентрацијата, што е многу корисно.