Како да ги направите популарните ретро холивудски локни?
Ретро локните повторно се враќаат на црвениот тепих. Оваа елегантна и софистицирана фризура е совршен избор за вечерните излегувања или романтичните состаноци. Таа е многу лесна за подготовка, како и за одржување и најдобро од сè, можете сами да ја подготвите. Потребно е само да одвоите малку време и брзо ќе ги добиете гламурозните бранови кои ги обожаваат холивудските убавици.
Префрлете го поголемиот дел од косата на една страна, во зависност од обликот на вашата глава и онаа што вам лично повеќе ви се допаѓа. Кога ќе го направите тоа, постојат две можности со чија помош ќе можете да ги направите романтичните локни во вашата коса. Еден начин е да користите фигаро, а другиот е со помош на виклери. Доколку одберете виклери, оставете ги доволно долго на вашата коса со цел таа да го добие посакуваниот облик. Ако вашиот избор е фигаро или пегла за коса, тогаш поделете ја во прамени и секој од нив виткајте го посебно, сè додека не го постигнете посакуваниот изглед.
Откако ќе ги направите локните, прицврстете ги со помош на спреј за коса бидејќи во спротивно фризурата нема да го задржи својот облик долго време. Откако ќе го направите тоа, поминете неколку пати низ неа со четка. Доколку ви изгледа како со тоа да ја уништувате вашата фризура, не грижете се, бидејќи овој чекор е најважниот во целиот процес. Со чешлањето вие ќе се погрижите вашите локни да не се спојат во една целина. Доколку тие надолу се раздвојуваат, можете да ги споите со помош на мали црни шнолички со остатокот од косата.
За крај, повторно нанесете спреј за коса и потоа остатокот стилизирајте го по ваша желба. Ако сакате традиционална фризура, едниот крај од косата поставете го зад увото, а за помодерен изглед можете да направите ситна плетенка на спротивната страна од локните. Со овој изглед без сомнение ќе соберете бројни комплименти.