Како да дремнете, а да не се разбудите уште поуморни?
Работните денови се понекогаш многу напорни и знаат да бидат прилично стресни. Во таков случај една кратка дремка може да направи голема разлика и да ви ја обнови енергијата. Но, доколку вообичаено се будите уште поуморни и нервозни, некаде грешите. Време е да ја научите уметноста на квалитетните дремки…
Доколку имате 10 минути
Овде станува збор за брзо полнење на батериите. Истражувањата докажале дека дури и 10-минутната дремка може да ви помогне да се чувствувате поенергично и да ги подобри вашите когнитивни способности. Меѓутоа, немојте да облекувате пижами. Наместо тоа, легнете на креветот или каучот целосно облечени и покриени со ќебе. Оставете ги завесите или ролетните подотворени за да може да пробива природна светлина. Ќе ви биде многу полесно да се разбудите доколку собата не е целосно затемнета. Дури и да не заспиете, самото лежење во тишина со затворени очи ќе биде доволно за да се наполните со енергија.
Доколку имате 20 минути
Постои еден генијален трик што се нарекува „кофеинска дремка“. Пред да легнете, набрзина напијте се шолја кафе. На кофеинот обично му треба половина час за да почне да делува. Па така, доколку добро го пресметате времето и го навиете алармот за 20 до 30 минути, ќе се разбудите свежи и енергични.
Доколку имате 1 час
Тука веќе работите стануваат комплицирани. Колку подолго спиете, толку поголема е веројатноста дека ќе се разбудите уморни и нервозни. Постои една апликација за мобилен телефон – Pzizz, која нема да ѝ дозволи на дремката да ве одвлече во длабочините на РЕМ фазата на спиењето. Ставете ги слушалките и слушајте ги бинауралните звуци (звуци создадени внатре во мозокот, поврзани со промената на состојбата на свесност што се случува кога спиеме или медитираме) прилагодени врз основа на траењето на вашиот сон. Тие ќе ви помогнат да заспиете и потоа постепено да се разбудите кога дремката ќе заврши.