Како бојата на облека влијае на вашето расположение?
Бојата на гардероба којашто одбираме да ја носиме, влијае на нас повеќе одошто мислиме. Како општество, секоја боја има различна асоцијација за многу работи. Така на пример црвената и жолтата нѐ потсетува на нашето македонско знаме. Тие за нас имаат многу поголемо значење отколку само визуелна стимулација. Некои студии сугерираат и дека ние многу посилно ги чувствуваме боите одошто ги гледаме.
Веројатно веќе знаете дека внатрешните дизајнери ги користат боите за да креираат сосема поинакво расположение во различни простории. Со нив, тие создаваат соби кои можат да ја поттикнат инспирацијата, да ја зголемат нашата енергија или душевно да нѐ смират и релаксираат. Па кога веќе се верува дека боите имаат толку голема моќ во просторот во којшто живееме, зошто тогаш да не го прифатиме истиот концепт кога станува збор и за нашата облека? Канализирајте ја моќта на бојата во вашиот аутфит и видете што ќе се случи со вашето расположение.
Црвена
Сакате да привлечете нечие внимание? Тогаш црвената е вашата боја! Оваа боја ви дава чувство на моќ и привлекува погледи. Воедно, црвената многу се поврзува со страста и романсата, поради што е совршена за вашиот следен жежок состанок. Но, бидете внимателни. Се смета дека оваа боја исто така, го стимулира апетитот и прави да се чувствуваме гладни за јадење брза храна, така што носете ја умерено доколку сакате да се исхранувате здраво.
Портокалова
И портокаловата боја привлекува внимание и енергија, но за разлика од интензивната црвена боја, оваа е поуспокојувачка. И покрај тоа што за некои тенови, оваа боја е тешка за комбинирање, доколку умеете да го направите вистинскиот моден избор, знајте дека портокаловата боја секогаш ќе ви донесе позитивно и енергично расположение.
Жолта
Сончевите нијанси на жолто се совршениот избор за вашиот аутфит, доколку сакате да се разведрите во некој тмурен ден. Секогаш кога се чувствувате нерасположено, жолтата боја ќе ве разведри и ќе ве врати во форма. Оваа боја се поврзува со интелигенцијата и инспирацијата, така што доколку облечете нешто жолто на денот на вашиот последен испит или кога очекувате некаков успех на професионален план, истата може да ви помогне да постигнете подобри резултати.
Зелена
Нијансите на зелено се смирувачки и успокојувачки, бидејќи се поврзуваат со убавините на природата. Токму затоа зелената е една од најпопуларните бои во текот на пролетната сезона. Оваа боја исто така освежува и се смета дека го намалува стресот на оние луѓе кои гледаат во неа. Доколку се чувствувате дека сте под стрес, изморени и истоштени, вметнете зелена боја во вашата облека, па можеби тоа ќе ви помогне да се релаксирате.
Сина
Сината е боја којашто може да биде смирувачка и спокојна, но и студена, надмена и резервирана. Доколку се чувствувате под стрес, сината боја може да ви помогне да се релаксирате. Доколку сте тажни пак, можеби треба да ја избегнувате бидејќи се смета дека сината боја може потсвесно да направи да се чувствувате тажно. Истражувањата исто така покажале дека сината боја може да ја разбуди вашата креативност, така што доколку сакате да креирате нешто генијално за вашиот креативен проект, носењето сино можеби ќе ви помогне во канализирањето на добрите идеи. Вреди да се проба, нели?
Виолетова
Кралска и софистицирана, виолетовата боја се асоцира со креативноста и луксузот. Исто како и црвената, така и виолетовата боја е многу стимулирачка и како таква може да го покрене вашето енергетско ниво во моментот кога ќе погледнете во неа. Исто така, виолетовата боја понекогаш се поврзува со спиритуалноста и интуитивноста, па ако имате проблем да донесете некоја важна одлука, обојте ги вашите нокти во бојата на лавандата и видете што ќе се случи.
Розова
Сите знаеме дека розовата е најженската боја и најомилена кај претставничките на овој пол, но таа исто така се поврзува и со романсата и среќата. Розовата е многу смирувачка боја, така што не носете ја доколку ви е потребен еден тон енергија. Поради нејзината поврзаност со романтиката, оваа боја е одлична за љубовни состаноци. Исто така, можете да ја носите секогаш кога се чувствувате малку депримирано. Но, се разбира, доколку лично ја мразите оваа боја, таа нема да го има овој ефект врз вас.
Бела
Дали понекогаш ви недостасува летото во студените пролетни денови? Ако одговорот е да, треба да се одлучите за бело! Оваа боја ја рефлектира светлината и нѐ потсетува на сончевите денови. Исто така се поврзува со спокој, невиност, едноставност и чистота. Носете бело секогаш кога сакате да ги истакнете другите бои, бидејќи оваа боја ќе ги оживее сите останати работи што ги носите на вас.
Црна
Доколку сакате да побарате унапредување или треба да појдете на интервју за работа, пожелно е да носите црно, бидејќи оваа боја означува моќ, сериозност, авторитет и одговорност – сите квалитети кои ги бара вашиот шеф од вас. Надвор од канцеларијата, црната е боја којашто ќе ви даде малку рокерски изглед. Доколку сте срамежливи по природа, но некои денови сакате да делувате непристапно, искомбинирајте некое црно парче облека со црни чизми до глужд.
Ова се само неколку идеи за размислување во однос на боите коишто ги имате во вашиот плакар. Секако тие не се директиви според кои треба да ја планирате вашата облека секој ден.
Што боите значат за вас? Дали некогаш сте забележале расположението да ви се промени поради бојата на облеката која сте ја облекле?
Доколку ви се допадна оваа содржина, сигурно ќе сакате да го прочитате и Водичот за комбинирање бои во вашата гардероба и Нијанси кои совршено му прилегаат на вашиот тен.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.