Јогурт со смокви – здрава ужинка без глутен
Летото е синоним за смокви, а кога ќе додадете јогурт, можете да добиете одлична закуска или совршен појадок со уште неколку состојки.
Смокви – ова овошје е преполно со диетални влакна кои го подобруваат варењето на храната и гарантираат дека подолго време ќе се чувствувате сити.
Покрај тоа што се вкусни сами по себе, тие можат да бидат и одличен додаток или клучна состојка на многу слатко-солени деликатеси.
Смоквите се богати со витамини и минерали, од кои најзастапени се витамините А, Ц, К и Б, како и калиум, магнезиум, цинк, бакар, манган и железо.
Јогуртот и смоквите се основата на овој рецепт, а еве кои други состојки ги додадовме и како го подготвивме овој вкусен оброк.
Потребни состојки:
- 75 грама суви смокви
- Вода
- 250 мл бадемово или кокосово млеко
- 125 грама грчки јогурт
- 1 помала замрзната банана
- 1 лажица мед
- 1 лажица путер од бадем
- 85 грама снегулки од хељда
- 1 лажичка кокосово масло
- ½ лажичка цимет
- 1 лажица кокосов шеќер
- Уште малку цимет
- 1 лажица семе од чиа
Начин на подготовка:
- Исечете ги смоквите на половина, ставете ги во сад и покријте ги со вода, па додадете малку мед. Оставете да отстојат натопени 10 минути или повеќе за да бидат што помеки и посочни.
- Во блендер измешајте ги грчкиот јогурт, млекото, бананата, остатокот од медот и бадемовиот путер и ставете ги настрана.
- Во сад измешајте ги снегулките од хељда, кокосовото масло, циметот и шеќерот. Печете го ова во тава околу 5-6 минути и потоа оставете да се излади.
- Ставете во две чаши по 3 половини смокви и истурете го јогуртот што претходно го подготвивте. Потоа додадете уште неколку смокви. Врз нив ставете ги снегулките од хељда, циметот и чиа семето, и вашиот десерт е подготвен.
- Уживајте!
Проверете го и овој брз и лесен десерт: Посни бомбици со суво овошје.
Автор: Ана Ќурчиевска