Јапонките ги откриваат тајните кои им помагаат да ја одржат нивната форма
Ако прашате некоја Јапонка како да го изгубите вишокот килограми ќе ви каже „Направете си топла бања. Ќе ви помогне.“ Ова можеби ви звучи чудно, но тоа што повеќето Јапонки навистина имаат витка линија е доволен доказ дека тие знаат што зборуваат. Во продолжение прочитајте ги нивните совети кои ќе ви помогнат да останете во форма…
Ако вежбате како сумо борач, ќе изгледате како сумо борач
Сумо борачите не појадуваат. Наутро тие веднаш почнуваат со тренинг, па имаат обилен ручек и потоа легнуваат да спијат. Потоа стануваат и ја повторуваат целата рутина уште еднаш. Доколку многу вежбате, организмот ќе ви бара пообилни оброци и ќе почнете да качувате килограми, без оглед на тоа што јадете здрава храна. По напорното вежбање и обилната вечера сѐ што ќе сакате да направите е да си легнете. На тој начин, ќе ја зголемите вашата мускулна маса, но и масните наслаги.
Уште една негативна страна на претераното вежбање е хипервентилацијата. Смиреното дишење му сигнализира на телото дека сѐ е во ред, но кога телото е под стрес мозокот ве предупредува дека ви треба енергија која е најзастапена во слатките работи. Главниот знак кој ви покажува дека сте претерале со тренингот е ако по него се чувствувате гладни како волк!
Топлината е од витално значење
Енергијата што ја добиваме од храната е многу важна. Самата храна е енергија која ја консумираме за да преживееме. Летните зеленчуци и овошја му помагаат на телото да се прилагоди на високите температури. Зимската храна содржи повеќе калории за да може телото да ја одржи топлината во поладните периоди.
Многу нутриционисти велат дека треба да се јаде свеж зеленчук и овошје. Нема сомнеж дека тоа е здраво, но вашето тело ќе стане поладно поради големата количина свежа храна. Затоа, треба да внесете храна која ќе ви го стопли телото. Не заборавајте дека можете да го зготвите зеленчукот. Можеби нема да содржи толку витамини, но ќе му даде топлина и енергија на вашето тело.
Не е здраво да пиете течности за време на оброкот
Јапонците никогаш не пијат ништо додека јадат. Течностите го оладуваат телото, а тоа не е добро за дигестивниот процес. Научниците објаснуваат дека водата ја неутрализира киселината што ја произведува стомакот за дигестија. Како резултат на тоа, на вашето тело му треба повеќе енергија за да го заврши процесот и затоа вам ви се јаде повеќе. И преку храната можете да ги внесете потребните течности. Токму поради тоа Јапонците се големи љубители на топлата супа.
Топлата бања го продолжува животот
По топла бања секогаш се чувствувате многу смирени, мускулите ви се опуштени и вашата циркулација на крвта природно се подобрува. Направете си топла бања најмалку два пати месечно и кожата ќе ви биде почиста, а дигестијата значително ќе се подобри. Јапонците ја полнат кадата со вода до таму каде што им се наоѓа срцето. Ако нивото на водата е поголемо, крвниот притисок ќе се покачи. Температурата која е идеална за циркулацијата на крвта изнесува 38 до 40 степени Целзиусови.
Ние сме навикнати да веруваме дека слабеењето е поврзано со вечната борба против калориите и поради тоа веројатно овие совети ќе ви изгледаат чудно. Но, погледнете ги Јапонците: Целиот народ изгледа одлично, дури и на стари години, а луѓето се познати по нивниот долг животен век. Сѐ што треба да направите е да ги следите правилата на овие луѓе кои знаат како да живеат во хармонија со телото и духот.