Инвестирајте време во себе
Инвестирањето време во себе е многу подобро отколку инвестирањето пари во нешто сосема друго. Кога инвестирате време во себе вие почнувате да градите значаен сет од способности и токму затоа нема да треба да се грижите дека некогаш би останале невработени.
Понекогаш стресот кој ни го приредува животот може да почне многу негативно да ни влијае. Покрај спиењето и работата, имаме само 8 часа дневно за дополнителни активности. Токму затоа мора да најдете начин како мудро да го искористите ова време. За да ви помогнеме во оваа промена, ние составивме листа од неколку идеи кои можеби би сакале да ги пробате и од кои би имале корист во иднина.
Научете нов јазик
Сите веќе многу добро ги знаат придобивките од говорењето на уште еден јазик. А во време на Интернетот, тоа можете да го направите дури и бесплатно. Само едно едноставно пребарување на Гугл ќе ве упати кон голем број бесплатни сајтови или туторијали на Јутјуб.
Читајте книги
Кога последен пат сте држеле книга во рака? Ако сте како поголемиот дел од луѓето, тогаш сигурно поминале месеци, па можеби и години. Книгите ви нудат можност да го истражувате светот од удобноста на вашиот дом или пак, да ве одведат на неверојатни авантури во фантазијата. Тие исто така се и одличен начин на справување со стресот.
Вратете се на студирањето (или почнете со курс)
Да, студирањето одзема многу време и пари, но без разлика на вашата возраст вие секогаш можете да почнете од почеток или пак, да го завршите она што ви стои долго време незавршено. Доколку сте финансиски стабилни, немате веќе изговор да го избегнувате. Сѐ што е потребно сега е да најдете време. Но, доколку не сте подготвени на ваков голем чекор, започнете прво со некој курс од истата или слична област.
Напишете книга
Ова е нешто за коешто треба сериозно да размислите. Ако барате начин на кој би сакале да инвестирате во себе, тогаш пишувањето книга е совршениот избор. Споделете го вашето искуство на малку поинаков начин. Дури и никогаш да не ја објавите таа книга, сепак ќе можете да кажете дека некогаш нешто сами сте создале. Од нула. Или пак, ако немате доволно трпение за книга, почнете блог. Пишувајте за секојдневните случувања и размислувања. Со тек на време ќе стекнете дисциплина и ќе добиете фидбек од јавноста, што ќе ве охрабри да ја завршите вашата книга.
Истражувајте
Не мора да се качите во авион и да отидете до Нов Зеланд, но ако ништо друго можете барем да го поминете викендот на кампување. Или пак, одете во ресторан во кој никогаш претходно не сте биле. Поминувањето време на места кои не ви се доволно познати ќе ви овозможи шанса да запознаете нови луѓе и да научите нови способности, а истовремено ќе успеете да избегате и од секојдневните монотони рутини.
Разговарајте за нештата со кои не се согласувате
Барем еднаш во животот обидете се да ги сослушате другите. Пробајте да го видите светот низ нивните очи и обидете се да сфатите зошто вие сте толку многу против нивното размислување. Разговарајте смирено и ќе забележите дека и вашите перспективи ќе почнат да се менуваат. И којзнае, можеби дури и ќе убедите некого да го преземе вашиот став за одредена тема.
Вежбајте
Доколку веќе некое време планирате да почнете да вежбате, сега е совршениот момент. Без разлика дали станува збор за фитнес, аеробик, јога или пак, зумба, одвојте малку време за вашето тело и почнете сериозно да се грижите за вашето здравје. Да бидеме реални, времето поминува, а никој од нас не се подмладува.
Волонтирајте
Како прво, волонтерството изгледа одлично во вашето резиме. Како второ, вие со тоа ѝ помагате на вашата заедница. И најважно од сѐ, волонтирањето е совршен начин да запознаете нови луѓе и да остварите контакти благодарение на кои можете да добиете препораки, работа или барем идеи.
Создадете нешто свое
Дозволете ѝ на вашата имагинација да ја преземе работата. Без разлика дали станува збор за цртање, пеење или пишување едноставно ослободете ја вашата артистичка страна и дозволете ѝ на креативноста да надвладее. Сигурни сме дека ќе создадете нешто на коешто ќе се гордеете до крајот на вашиот живот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.