Интервју со @pomojvkus: Елена сподели неколку вкусни рецепти, одлична француска музика и ни откри кои 3 состојки би ги однела на пуст остров

Интервју со @pomojvkus: Елена сподели неколку вкусни рецепти, одлична француска музика и ни откри кои 3 состојки би ги однела на пуст остров

Елена која се крие зад инстаграм-профилот @pomojvkus во интервјуто за Кафе пауза ни раскажа повеќе за готвењето и нејзините омилени рецепти. Таа исто така сподели која е нејзината омилена француска музика, а кои состојки би ги однела на пуст остров оставаме да откриете додека го читате интервјуто.

1. Како започна со готвењето? Дали имаш некој кој те инспирира да готвиш? (познат готвач, родителите, блогери)

Готвењето, односно подготвувањето јадење за семејството е составен дел од животот на секој човек. Не можам да кажам дека сум започнала со готвење, бидејќи не сум професионален готвач, но можам да кажам дека блогот и профилот на Инстаграм за споделување вкусни рецепти кои се дел од нашето секојдневие, го започнав пред година и пол. Јас сум човек што во секоја една состојка, настан, опкружување, знам да видам инспирација и да ја искажам преку некое јадење или фотографија. Сепак, како главна инспирација секогаш била и засекогаш ќе биде мојата мајка. Кога ќе замириса од нејзината кујна, може да се почувствува дури до Франција. Сите ќе се согласиме дека ништо не е повкусно од тоа што е создадено од рацете на мојата, вашата, нејзината или неговата мајка.

 

Ver esta publicación en Instagram

 

Una publicación compartida de По мој вкус (@pomojvkus)

2. Знаеме дека живееш во Франција, па дали можеш да ни кажеш кои се најголемите разлики и сличности помеѓу француската и македонската кујна?

Би рекла дека има повеќе разлики отколку сличности, иако и двете кујни ми се омилени. Слично е тоа што и тука и таму луѓето обожаваат да јадат печива, да посетат пекара, да си купат леб, односно багет, да си каснат солено, па слатко. Пекарите се секогаш полни со мирисливи печива, иако во Франција има многу повеќе видови од кај нас. Французите не го познаваат вкусот на бурек, зелник или пастрмајлија, додека, пак, во Македонија не е познат вкусот на вистинскиот француски кроасан, еклер или киш. Иако можеби многумина ќе речат дека грешам, кој пробал ќе се согласи дека сум во право. Во Франција јадењата се подготвуваат со многу путер, млечни кремови од повеќе видови, се користат лиснати теста, ронливи теста, шупливи теста, се јадат разни видови сирења и кашкавали. Често се среќаваат главни јадења со говедско месо, мисиркино, но сепак најпродавано месо е свинското. Имаат огромен избор на сувомеснати производи кои се во многу поинаков изглед и вкус од нашите. На крајот изгледа дека сличност некоја голема сепак не најдов, но јас во моите рецепти секогаш се трудам да направам една мешавина, односно спој од двете кујни.

 

Ver esta publicación en Instagram

 

Una publicación compartida de По мој вкус (@pomojvkus)

3. Која е твојата омилена храна од француската кујна?

Омилена храна немам, бидејќи мене сѐ што ми е вкусно ми е омилено. Сакам многу да експериментирам, сакам сѐ да пробам, инаку како би знаела дека нештото нема да ми се допадне?! Ако морам баш да издвојам нека бидат солените кишови, како Quiche Loraine, Flamequiche и сите останати кишови, печива, како и сите рецепти во кои има сирење.

 

Ver esta publicación en Instagram

 

Una publicación compartida de По мој вкус (@pomojvkus)

4. Дали повеќе сакаш солени или слатки јадења (да правиш и/или да јадеш)?

Солени отсекогаш. Порано воопшто не јадев слатко, во последно време почнав, но сепак не во големи количини. Затоа можеби ќе звучи чудно, и покрај тоа што имам блог за храна и рецепти, никогаш во животот немам направено торта. Ако за торта се смета чизкејк, тогаш сум кралица на тортите. Шегата на страна, солените рецепти ми се омилени и за јадење и за правење.

 

Ver esta publicación en Instagram

 

Una publicación compartida de По мој вкус (@pomojvkus)

5. Кој е последниот рецепт што го создаде случајно (или преку импровизација), без да знаеш што ќе испадне?

Тоа беше рецептот што е најпопуларен откако постои мојот блог, со најмногу споделувања, допаѓања и заштедувања. Тоа е галетата од компир, полнета со пршута, зденка и кашкавал. Немав некоја претстава како ќе излезе кога почнав да ја правам, а на крајот се воспостави дека за еден час беше зачувана повеќе од 700 пати. Секојдневно пристигнуваат фотографии од луѓе кои ја направиле и кои ја прават одново и одново.

 

Ver esta publicación en Instagram

 

Una publicación compartida de По мој вкус (@pomojvkus)

6. Кои состојки би ги однела на пуст остров со тебе? Можеш да одбереш само три!

Брашно, вода и сирење. Од брашното и водата можам да направам кисел квасец и да си правам лепче на дрва без проблем. А сирење, за со лепчето. Па, кога сум најадена имам сила да препливам цел океан и да се снајдам за понатаму.

 

Ver esta publicación en Instagram

 

Una publicación compartida de По мој вкус (@pomojvkus)

7. На твојот инстаграм-профил можеме да видиме дека денот го започнуваш со кафе и музика. Кое е твоето омилено кафе и дали можеш да споделиш неколку наслови на твои омилени француски песни?

Денот го започнувам многу порано пред кафето, со оглед на тоа што сум мајка на едно прекрасно мало девојче, Ема. Откако ќе ги завршиме утринските ритуали, вклучувајќи го и појадокот, пуштаме музика и правиме кратка „кафе пауза“ со наше, односно турско кафе. Кафето го пијам без шеќер, без млеко. Млако, понекогаш и ладно. Мајките ќе разберат зошто. Сепак, без оглед на тоа какво го пиеме кафето, тоа е лек за душата, уживање, разговор со самиот себе.

 

Ver esta publicación en Instagram

 

Una publicación compartida de По мој вкус (@pomojvkus)

Убаво се чувствувам кога ќе им посакам Bonjour (добро утро/добар ден), на сите кои ме следат на Инстаграм, со надеж дека ќе им го разубавам денот со мојот избор на француска музика и ќе им ја стоплам душата со шолја кафе, понекогаш и чај. Многу се радувам што сè повеќе луѓе ми кажуваат дека си ги сакаат песните кои ги ставам во кратките приказни на профил и си ги слушаат на работа, во автомобил и сл. Секој ден имам нова омилена песна, но ќе се потрудам да издвојам неколку пејачи или групи, од кои ми се допаѓаат сите песни.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Ужива кога патува и запознава различни култури, ги сака утринските прошетки во природа, многу чоколадо и кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар