Интервју со Ангела Игновска: Како да си ја подобрите финансиската состојба и како да заштедите во овие тешки времиња?

Интервју со Ангела Игновска: Како да си ја подобрите финансиската состојба и како да заштедите во овие тешки времиња?

Кризата што ја предизвика пандемијата на коронавирусот и желбата да им помогне на луѓето да ја подобрат својата финансиска состојба и да заштетат пари во овој неизвесен период, ја натерале Ангела Игновска да креира профил на Инстаграм каде што ќе споделува корисни совети. Таа има 20 години и студира Менаџмент во Словенија, а во продолжение прочитајте и погледнете некои од нејзините совети како да стекнете навики за штедење.

1. Што претставува „Мои финансии“, од каде потекнува идејата и колку долго се занимавате со ова?

„Мои финансии“ е профил наменет за сите оние кои сакаат да ја подобрат својата финансиска состојба, но не се сигурни од каде да почнат и како да го направат тоа. Идејата за профилот ја добив од целата ситуација со пандемијата и од огромните финансиски последици со кои луѓето се справуваат како резултат на кризата.

За жал, многу луѓе останаа без работа или имаат намалени примања. Не најдов профил кај нас кој преку практични совети би им помогнал на тие луѓе, па решив да го искористам моето знаење на оваа тема, со тоа што ќе го креирам профилот и можеби ќе помогнам некому. Па, така, го креирав профилот пред околу еден месец.

2. Која е целта и од каде црпите информации за ваквите совети? Колку време ви е потребно за подготвување на една објава?

Целта на профилот е да им помогне на луѓето да научат нешто повеќе на теми како што се лични финансии, буџетирање и штедење, да создадат навики кои ќе го подобрат квалитетот на нивниот живот и ќе им помогнат да ги остварат своите финансиски цели.

Инспирацијата за креирање квалитетна и лесно разбирлива содржина за сите што го следат профилот ја црпам од книги за финансии, од материјалот што го изучувам на факултет и од разни блогови што ми помогнале мене. За креирање на една објава ми се потребни од 2 до 8 часа, во зависност од темата на која пишувам.

3. Дали советите што ги споделувате ви помогнале во приватниот живот? Споделете некое искуство

Да, и тоа многу. Најголема промена забележав кога креирав свој буџет и навистина се потрудив да се придржувам до него, без изговори. Успеав да ја зголемам својата заштеда, да патувам и да си купам работи што претходно сметав дека не можам да си ги дозволам со моите примања. Буџетот не ве ограничува, туку напротив, ви помага да ги согледате вашите приоритети во животот.

4. Каква е заинтересираноста за вашите финансиски совети? За што најчесто ви се обраќаат луѓето?

Заинтересираноста е огромна и тоа ме радува многу. Најголемо внимание привлекуваат 30-дневните предизвици за штедење.

Најчесто добивам пораки од луѓе кои започнале да применуваат дел од советите објавени на профилот и кои за краток период веќе забележале резултати. Таквите пораки ме мотивираат да креирам уште подобра содржина.

5. Дали мислите дека луѓето во Македонија лесно ги прифаќаат и ги применуваат ваквите совети?

Да, и тоа навистина ме изненади. Воопшто не очекував толку голема заинтересираност уште на самиот почеток. Ова искуство ми покажа дека луѓето сакаат да направат промени, да буџетираат и да штедат, но им се потребни практични совети што би ги примениле во секојдневниот живот.

6. Кој е најдобриот совет што сакате да го споделите со нашите читатели?

Заработувањето повеќе пари нема да ги реши сите ваши финансиски проблеми. Многу е важно навреме да стекнете добри навики за трошење и штедење бидејќи во спротивно, ќе потрошите сè што сте заработиле, без разлика колку е голема таа сума.

Прочитајте зошто фините и добри луѓе почесто имаат проблеми со финансиите.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

Остави коментар