Insanity – ефикасни вежби за брзо топење на масните наслаги

Insanity – ефикасни вежби за брзо топење на масните наслаги

Insanity е неверојатно ефикасна програма за топење на масните наслаги. Нејзиниот креатор, фитнес-тренерот Шон Ти ветува зачудувачки резултати за само два месеци создавајќи скептицизам кај многумина, но за среќа тој е неоправдан. Оваа програма е толку добро склопена, што со доследно придржување на неговите совети во поглед на изведувањето на вежбите и на исхраната, би било неверојатно доколку не ги добиете посакуваните резултати, барем во мерата во која се трудите.Insanity – ефикасни вежби за брзо топење на масните наслагиInsanity-вежбите се изведуваат дома. Неопходен ви е простор отприлика 2х2 метри, а не ви е потребна никаква дополнителна опрема. Треба само да си ги пуштите видеата на компјутерот или на ДВД плеерот и да го правите она што го гледате на екранот. А, тоа воопшто не е лесно. Без оглед на тоа во каква физичка кондиција се наоѓате, Insanity ќе ве направи уште посилни и поиздржливи додека ги цеди маснотиите од вас.
 

За кого е наменета?

Програмата е наменета и за почетници во вежбањето и за луѓе во добра физичка кондиција. Дизајнирана е да ве натера да ги поместите границите на својата сила и издржливост, така што и едните и другите може да очекуваат успех. Но, дури и активно да сте тренирале порано некаков спорт или сега тренирате, нема да ви биде лесно со оваа програма. После овие два месеци вежбање сигурно ќе бидете во подобра форма од кога било.

Иако Insanity не е наменета за секој, секој не може да ја спроведе. Луѓе кои не можат да истрчаат километар без застанување или не можат да направат десет склека ќе имаат проблеми со неа. Ако спаѓате во оваа категорија, подобро би било претходно да се подготвите малку. Исто така, не се препорачува на луѓе со срцеви проблеми, барем не пред да се советуваат со лекар.
 

Придобивки

Губење на масни наслаги. Ова е најголемиот мотив за голем број луѓе да започнат со Insanity, затоа што за кратко време дава извонредни резултати. Веќе по еден месец вежбање изгледот е видливо подобрен, а по комплетирањето на програмата, процентот на масти во телото задолжително е опаднат за неколку проценти.

Мускулна дефиниција. Insanity ја подобрува мускулната дефиниција, но речиси не придонесува за зголемување на мускулната маса. Многу жени се колебаат дали да ја применат оваа програма токму поради тоа што не сакаат големи мускули, но одговорот е дека нема да ги добијат, туку само ќе го издефинираат она што веќе го имаат на нив. Сепак, не е невозможно ни да се добие малку мускулна маса, но тие шанси се многу повеќе на страната на мажите.

Физичка кондиција. Вашата физичка кондиција драматично ќе се подобрува. Ќе бидете поиздржливи од кога и да е. После ова, вообичаената партија фудбал или кошарка нема многу да ве заморува.

Посилен дух. Цело време ќе се натпреварувате сами со себе. По некое време можеби ќе заборавите на вашиот изглед и на согорувањето на мастите и ќе мислите само на тоа колку многу можете да издржите.Insanity – ефикасни вежби за брзо топење на масните наслаги

Вежби

Вежбите се изведуваат во интервали со висок интензитет меѓу кои има многу мали паузи. Програмата е така дизајнирана што го носи бројот на отчукувања на срцето до вашиот максимум, го држи на тоа ниво извесно време, обично во интервали од две до пет минути, а потоа дозволува краток одмор од 30 секунди пред да се продолжи со следната рунда. Тоа не треба да ве плаши, затоа што тоа е начинот на којшто најбрзо се губат масните наслаги.

Вежбите се поделени во вкупно 14 видеа. Добивате и календар во којшто прецизно пишува кој ден кое видео да си го пуштите и да вежбате. Програмата започнува со фит тестот. Се изведува преку 8 вежби со чија помош се мери моменталната физичка кондиција, а се повторува на секои две недели за да се провери напредокот.

Вежбите во првиот месец се нешто полесни од оние во вториот и траат малку пократко. Првите четири недели служат за драстично да го подигнат нивото на вашата физичка подготвеност, потоа следува една недела со вежби за олабавување и обновување на енергијата, па уште четири недели со уште поисцрпувачки и подолготрајни вежби кога се губат и најмногу маснотии.

Секоја од вежбите се изведува без дополнителна фитнес опрема, исклучиво користејќи ја тежината и отпорот на сопственото тело. Се состојат главно од разни варијанти на склекови, варијанти на сквотови (чучњеви), спринтови во место, скокови, вежби за баланс, итн. Сите тие вежби се користат во тренинзите за американски фудбал, кошарка, гимнастика и други спортови. Иако тие на видеото може да ви изгледаат доста едноставно, тоа не е така. На крајот од секој ден вежбање треба да се давите во пот, да изгледате како некој да ве избањал со многу вода. Во спротивно многу е веројатно дека сте ја утнале формата и вежбањето немало никаков ефект.

Шон Ти цело време ќе ве потсетува дека формата е поважна од брзината на изведување на вежбите. Понекогаш ќе губите здив и ќе имате потреба да подзастанете, но тоа не е страшно. Ретко кога ќе успеете да издржите цел тренинг без пауза плус. Затоа никогаш не притискајте го копчето за пауза, само одморете неколку секунди и продолжете со напорот. Сè додека давате сè од себе и имате доволен број на отчукувања на срцето вие сте на правиот пат, дури и со мали паузи.Insanity – ефикасни вежби за брзо топење на масните наслаги

Исхрана

Тренерот Шон Ти вели дека согорувањето на маснотиите зависи 30% од вежбањето и дури 70% од начинот на исхрана. Со програмата за вежбање оди и план за исхрана, кој го обезбедува неопходниот калориски дефицит за губење на масните наслаги, но кој за жал не е лесно применлив за нас во Македонија. За секој оброк има мени од пет различни рецепти од кои можете да избирате што ќе јадете, но тие честопати се составени од состојки кои ги нема кај нас или се многу скапи, како на пример кокосово млеко или авокадо.

Сепак, тој самиот напоменува дека во исхраната најважно е да се придржувате до правилата кои ја сочинуваат рамката на тоа мени. Истражувајте малку повеќе околу тоа која храна каква хранлива вредност има и лесно ќе го изберете вистинскиот оброк. Храна од типот на пилешко, риба, многу овошје и зеленчук, јаткасти плодови и јајца треба да го сочинува вашето секојдневно мени. Јадете четири до пет пати во текот на денот, при што секој оброк ќе содржи 40% јаглени хидрати, 40% протеини и 20% масти, и да не преминува преку 500 калории. Придржувајте се до ова најмногу што можете за што подобри резултати.Insanity – ефикасни вежби за брзо топење на масните наслаги

Мотивација

Видеата со вежби се многу мотивирачки. Тренерот цело време зборува нешто за мотивација и многу е инспиративен. Вежбите никако нема да ви бидат здодевни, затоа што многу се разновидни и многу малку се повторуваат. Не е лесно да се научи која вежба е следна, а кога тоа веќе ќе го научите, видот на вежбите се менува.

И покрај тоа, Insanity програмата е за самодисциплинирани, одлучни и посветени. Ќе биде тешко, но наградата е голема. Нема да има резултати доколку не ги правите вежбите секој ден, ако се прејадувате и не се придржувате до основните правила на здравиот режим на исхрана или ако не спиете доволно. Ниту немањето време не може да ви виде извинување, затоа што никогаш нема да ви земат повеќе од еден час во текот на денот, шест дена во неделата.
 

Како да стигнете до видеата со вежбите?

Програмата е сместена на 14 ДВД дискови кои можете да ги нарачате од САД за 120 долари или да ги симнете преку торент. Ако се решите за втората опција, внимавајте на тоа да ги симнете сите 14 видеа, заедно со календарот и планот за исхрана.

Следува видео кое е само дел од еден тренинг. Од него ќе добиете претстава како изгледа ова.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

  1. Keti Reply

    <3 Instanity <3
    Privremen lifestyling sto ke vi go promeni zivotot 😉

  2. ajs Reply

    ги вежбав порано, скоро го завршив вториот месец.. Многу се тешки ама многу се добри.. јас лично немав некои јаки резултати затоа што сум слаб но другарите и другарките што го пробаа се презадоволни (тие што успеаа да повежбаат) Среќно

  3. Insanity Reply

    Јас ја имам вежбано оваа програма и можам да кажам дека дефинитивно има резултати!
    Но мора да се вежба секојдневно затоа што тешко се враќа во форма ако се ескивира 🙂
    Тешка е и не е за секој, треба да си вистински мотивиран!

Остави коментар