Храна за побрзо совладување на утринскиот мамурлак
Автор: Александра Чакаровска
После неколку испиени чаши алкохол претходната вечер, наутро стапува на сцена добро познатиот утрински мамурлак. Чувствувате главоболка, жедни сте, бавно воспоставувате рамнотежа и ве совладува уморот. Посакувате што побргу да помине денот, за повторно да се вратите во нормала.Докторката Шараиха ве советува како со помош на храна можете побргу да го совладате утринскиот мамурлак. Не се работи за никакви магични состојки, туку станува збор за секојдневни вкусни јадења кои брзо ќе ви помогнат да се ослободите од мамурлакот.
Јајца
Независно дали ги сакате пржени или варени, јајцата се вистинска храна за утринскиот оброк. Содржат големи количини на аминокиселини кои му помагаат на црниот дроб да се ослободи од отровите. Исто така, тие содржат цистеин, супстанца која го неутрализира ацеталдехидот – токсинот кој е виновен за мамурлакот.
Палачинки
Палачинките освен што се вкусен десерт, се најголемиот непријател на мамурлакот. Причината лежи во тоа што палачинките содржат комплексни јаглехидрати кои го одржуваат нивото на шеќер во крвта. Ова е многу значајно поради фактот дека шеќерот нагло опаѓа кога црниот дроб се обидува да се ослободи од токсините. Добри борци против мамурлакот се и слатките компири. Можете да направите комбинација од палачинки и компири.
Банани
Можете да изедете цела банана или пак да си направите сок од неа. Како било да ја употребите, таа ќе го забрза процесот на прочистување на телото. Бананите го забрзуваат дејството на електролитите и имаат ист ефект како кај спортските пијалаци. Поради тоа што се полни со калиум, телото после алкохолот бргу закрепнува. Можете да направите сок од банана со бадеми. Бадемите се добри поради тоа што содржат витамин Е, антиоксиданс кој делува против слободните радикали кои се наоѓаат во алкохолот.
Сланина
Најдобри пријатели против мамурлакот се аминокиселините кои ги содржи токму сланината. Сепак, најдобро е да изедете само неколку парчиња, бидејќи многу мрсна храна може само да ви го иритира стомакот и да се чувствувате уште полошо. Според едно британско истражување, сланината поттикнува определена хемиска реакција, која прави да се чувствувате подобро.
Чоколадо
Одлично оправдување да го отворите вашето омилено чоколадо е токму состојбата во која се наоѓате. Чоколадото, исто како и бананите, има во себе калиум, кој бргу се губи во процесот на закрепнување. Затоа, слободно допуштете си парче чоколаден десерт и уживајте во денот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.