H&M со нова кампања за лето 2012 – Fashion Against AIDS
Автор: Симона Ристоска
Оваа година познатиот шведски бренд H&M ја посвети својата кампања за лето 2012 на борбата против ХИВ/СИДА . Целта е да се подигне свеста кај младите денес и да се поттикнат што повеќе да се информираат за тоа како да се заштитат од опасниот вирус. Она што е можеби најважно во врска со оваа кампања, освен вниманието што го привлекува, е фактот дека H&M ќе поделат 25% од приходот од колекцијата на четири различни организации кои помагаат во превенцијата од ХИВ/СИДА преку едуцирање и информирање. За неверојатно краток период од лансирањето на кампањата, компанијата успеа да подигне преку 6,5 милиони долари. Ова е трета акција од овој тип што ја организира овој бренд.Самата колекција е интересен микс од весели парчиња со племенски принтови и хипи стил креирани од интернационални артисти, дизајнери и илустратори со кои компанијата склучи партнерство за новата кампања. Она што компанијата успеа да го потврди е токму тоа што многу дизајнери претходно го имаат констатирано, модата не е само во облеката, модата е поврзана со идеите, начинот на кој живееме и сè она што нè опкружува.Освен преку добар шопинг, компанијата им овозможи многу интересен начин на младите да се вклучат уште поактивно во целиот проект – „Бакнување за кауза“. Сè што треба е да ја зграбите драгата личност и да го овековечите бакнежот со добра фотографија. Логирајте се на fashionagainstaids.com и H&M ќе донира по 1 долар за секоја испратена фотографија.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.