Ги гледаме и редовно ги следиме, но советите на бјути блогерките можат да бидат опасни
Скоро и не се сеќаваме како жените се информирале за најновите трендови пред појавата на бјути блогерите. Спектарот на информации се прошири и корисните совети можат да се пронајдат со само еден клик на копче, но како да знаеме што е добра препорака, а што е мамка за повеќе прегледи на Јутјуб каналот?
Многу жени стекнале доверба во своите „следбенички“ кои им заштедуваат пари. Козметичките препарати неретко можете да ги замените со материјалот кој веќе го имате во кујната, но тоа не значи дека сте го одбрале вистинското решение. Некои совети кои можеле да се пронајдат таму предизвикале остри реакции од лекарите, и тоа потполно оправдано. Во продолжение ви претставуваме дел од „најопасните“ совети за отстранување на подочниците.
Еден од мини третманите кој може да предизвика поголема штета отколку корист гласи вака:
„Помешајте полномасно млеко и куркума и намачкајте го пределот околу очите. Оставете го да делува некое време, а потоа измијте со вода. На овој начин може да се елиминираат темните кругови.“
Причината зошто докторите би го избришале овој совет од Јутјуб се наоѓа во фактот дека кожата околу очите е посебно чувствителна и може да биде склона кон алергиски реакции, иритации или други оштетувања. Дури и оние состојки кои се безбедни за јадењето може да предизвикаат иритација околу очите. Па, тоа е логично! Можете да јадете бибер, но сигурно не го сакате во близина на вашите очи!
Блогерките решението за темните кругови околу очите се обиделе да го пронајдат и во сода бикарбоната.
„Со задната страна на лажицата нанесете смеса од вода и сода бикарбона и оставете ја да делува околу 10 минути, додека не се исуши. Потоа, измијте ја со вода. Сувата кожа после овој третман би требало да изгледа мазно“, советува една американска блогерка.
Ова, сепак, звучи премногу добро за да биде вистинито. Не се сите дерматолози уверени во успешноста на овој домашен третман. Споменатиот „чудотворен мелем“ всушност може да ѝ направи поголема штета на вашата кожа отколку корист.
Сода бикарбоната има алкален pH, додека природната pH вредност на кожата е благо кисела, што е неопходно за функционирање на здрави клетки на кожата. Зголемувањето на pH вредноста може да доведе до иритации и оштетување на бариерите на кожата.