Филозофски пристап што ќе ви помогне да се справите со анксиозноста
„Постојат повеќе работи што можат да нѐ исплашат одошто да нѐ уништат. Почесто страдаме во имагинацијата отколку во реалноста.“ – Сенека
Милиони луѓе страдаат од анксиозност поради што ова ментално нарушување се смета за едно од најчестите. Анксиозноста обично не се гледа како сериозна појава, туку како пеперутки што летаат во стомакот пред важен состанок, испит или презентација. Но, анксиозноста е многу повеќе од тоа и има големо влијание на нашиот живот.
Луѓето што страдаат од анксиозност не можат да функционираат нормално, бидејќи анксиозноста им го попречува успехот во кариерата, врските и односите. За некои случаи на анксиозност потребно е да се побара професионална помош, но постојат и такви случаи со коишто самите можете да се справите, а во тоа ќе ви помогне филозофскиот пристап на стоиците.
Сенека бил познат римски стоички филозоф, државник и драматург. За време на неговата кариера, Сенека работел како тутор и советник на царот Нерон. Исто така, тој напишал голем број писма и есеи во кои ги споделил неговите верувања и предавања.
Во овие писма, може да се забележат првите спомнувања на анксиозноста. Тој се фокусира на фактот дека постојат 3 различни мисловни процеси што можат да доведат до чувство на анксиозност: Мисли за нашето минато, мисли за она што моментално се случува во нашата сегашност и мисли за иднината.
„Сето ова брзање од место во место нема да ви донесе спас, бидејќи патувате во придружба на вашите емоции, следени од страна на сите ваши неволји.“ – Сенека
Многу е лесно да се заглави во размислување за тоа што сме го направиле и не сме го направиле во минатото или што ќе се случело доколку сме постапеле поинаку. Стоицизмот може да нѐ научи на една многу важна лекција по однос на тоа прашање. Стоиците ѝ придавале огромно значење на способноста да се направи разлика помеѓу работите што се под наша контрола моментално и оние што не се под наша контрола. Не можеме да го промениме она што се случило во минатото. Наместо да трошиме време во размислување за работите што би можеле да се случат, многу е важно да научиме да го прифатиме минатото и да не му дозволиме да влијае на нашиот живот денес.
Кога размислуваме за сегашноста и нејзиното влијание на нашата анксиозност, многу е важно да сфатиме дали знаеме како вистински да живееме во моментот. Сетете се на последниот пат кога сте живееле „во моментот“. Дали сте биле целосно фокусирани на она што се случувало во сегашноста или и понатаму сте размислувале за минатото и иднината пред вас? Дали можете да се сетите на најситните детали од целото искуство? Поради брзиот живот во денешното општество, нам ни недостасува свесност, којашто би можела да ни донесе мир, спокој и среќа во животот. Мора да научиме како едноставно да „бидеме“.
„Оној кој страда уште пред да има потреба за тоа, страда повеќе одошто треба.“ – Сенека
Освен тоа, треба да размислиме какво влијание има иднината на нашата анксиозност. Исто како минатото, така и иднината е период од животот што не можеме да го контролираме и непотребно се нервираме, бидејќи не можеме да влијаеме на работите што сѐ уште не се случиле. Стоиците верувале дека надежта и стравот се едно исто. Додека повеќето од нас можат да го согледаат негативното влијание на стравот од иднината, многумина забораваат дека и надежта може да ја зголеми анксиозноста. Ако се концентрираме на нашите надежи за иднината, тоа може да ни создаде очекувања поради кои подоцна се разочаруваме.
Според стоицизмот, клучот за среќата и справувањето со анксиозноста е свесноста. Колку побрзо научиме да живееме во сегашноста и да се фокусираме на моментот, наместо да мислиме на минатото и иднината, толку посреќни ќе бидеме!
Доколку ве заинтересира филозофијата на стоиците, прочитајте зошто Сенека верувал дека не поседуваме ништо, освен времето.