Како да се справите со љубоморниот партнер?
На прв поглед, љубомората може да не изгледа како голем проблем. Пред сѐ, таа може да направи да се чувствувате сакани, заштитени и згрижени. Но, таа најчесто се претвора во голем, горчлив проблем кој се развива брзо и никој здрав однос не може да се гради врз основа на неа. За среќа, тоа е проблем со кој можете да се справите, сѐ додека и двете страни се подготвени на компромиси и разбирање. Еве како да се справите со љубоморниот партнер и да ја зајакнете вашата љубовна врска.
Која е причината?
Постојат повеќе причини зошто вашиот партнер може да биде љубоморен и не сите тие се поврзани со вас. Во некои случаи може да биде прашање на несигурност, но во други случаи може да станува збор за довербата, што веќе претставува проблем. Тој може да има недостаток на доверба во вас или во останатите, но како и да е, оваа ситуација не е во ред. Полесно е да се справите со тоа доколку тој не им верува на другите луѓе. Тогаш едноставно треба да поминувате повеќе време заедно и да ги запознаете меѓусебните пријатели и колеги. Но, најпрво е потребно да признаете дека постои проблем. Пред да дознаете кој е проблемот, треба да прифатите дека тој постои и дека тоа е нешто што треба да го решите. Откако еднаш и двајцата ќе ја прифатите реалноста, тогаш можете да ја видите суштината на проблемот и истиот да го решавате.
Суштината на проблемот
Најважниот чекор за справување со љубоморниот партнер е да ја пронајдете суштината на проблемот. Отворањето некому не е лесно, затоа што многу мажи и жени имаат проблеми со отворена комуникација, што може да доведе до непријатни теми. Создавањето безбедна и отворена комуникација е важно, а доколку самите не можете да го направите ова, тогаш можете да побарате стручна помош. Ако пак се одлучите да ги преземете работите во свои раце, тогаш тоа е многу лесно. Вие треба да не судите, да бидете добар слушател и да се фокусирате не само на себеси, туку и на вашиот партнер. При отвореното и искрено објаснување за тоа како се чувствувате вие, многу е важно да не ја префрлувате вината. Подобро е да седнете и да размислите за овие работи уште пред да го започнете разговорот. Познавањето на тоа како се чувствувате е важен чекор.
Постојат многу причини зошто вашиот партнер може да се однесува љубоморно, а повеќето од нив потекнуваат од нивното минато. Важно е да запаметите дека без оглед на причината за нивната љубомора, најверојатно таа потекнува од несигурноста. Справувањето со љубомората и несигурноста треба да се направи на начин на кој и двајцата ќе се чувствувате удобно. Доаѓањето до суштината на проблемот може да биде тешко. Сите сме биле повредени во минатото, а понекогаш некои рани остануваат. Но, со разговарањето вие ќе можете да го решите проблемот уште пред тој да ве раздели.
Ова не е пријатен момент
Без разлика колку и да е прекрасен вашиот партнер, неговото однесување и љубомората може да бидат показатели на големи проблеми. Однесувањето како што е на пример желбата да ве контролира вас и секое ваше движење, да контролира со кој го поминувате вашето време, кои се вашите пријатели или кога ќе се видите со вашето семејство, е голем предупредувачки знак кој покажува на тоа дека треба да преиспитате дали вашата врска е здрава или не. Но, првиот чекор секогаш значи да седнете и да разговарате околу проблемите. Настојувајте да бидете отворени и искрени. Ова може да ви изгледа како најтешката работа што треба да ја направите, но исто така е и најдобра.
Справување со несигурноста
Откако седнавте и разговаравте, заклучивте дека тој е несигурен. Тоа може да доаѓа од секаде: од минатите искуства, претставата што тој ја има за самиот себе, пријателствата… Несигурноста е нешто со што секој од вас се соочува секојдневно, но таа може да ги уништи најдобрите врски и најдобрите денови во вашиот живот. Несигурноста може постојано да расте и со текот на времето да ве победи. Но, за среќа, постојат начини на кои можете да им помогнете на вашите блиски во оваа борба. Малите работи може да помогнат многу. Уверете го, затоа што уверувањето е нешто што на сите одвреме-навреме ни е потребно. Бидете искрени со вашиот партнер, дајте му комплименти, бидете отворени со него, вклучете го во поголем дел од вашиот живот и животот на вашите пријатели. Малите работи како што е на пример оставањето белешка колку само да го потсетите дека се грижите за него, може да ви помогнат да ги промените работите.
Нема доверба
Ова е проблем со кој е тешко да се справите. Доколку вашиот партнер не ви верува или не им верува на другите околу вас, особено мажите, можеби е време да се запрашате дали оваа врска е вистинската за вас. Недовербата на другите луѓе е една работа, но недовербата кон вас е нешто сосема друго. Постојат ситуации кога недовербата на вашиот партнер може да биде целосно оправдана, затоа што довербата е нешто што треба да се заработи со текот на времето. Зошто тој не ви верува вам? Зошто не им верува на другите луѓе? Размислете за ова, слушајте го, но бидете претпазливи на неговото опсесивно однесување. Дали оваа врска вреди? Иако ова може да ви делува како сериозно прашање, тоа е нешто за што треба да размислете. Љубомората до одреден степен може да биде привлечна, но доаѓа момент кога треба да сфатите дека не можете да имате здрава врска доколку вашиот партнер не ви верува.
Разговарање, доверба и намери
Прво и основно, треба да го уверите дека сакате да бидете со него. Разговарајте и прашајте го како можете да му помогнете за да има повеќе доверба, кажете му дека треба да ви верува, а и покажете му го тоа. Продолжете да бидете прекрасната личност која сте биле и до сега и довербата ќе дојде со текот на времето. Бидете отворени и искрени. Фокусирајте се на тоа дека сакате да го задржите во вашиот живот. Никој не може да каже дали врската ќе трае или не, а најдоброто нешто што треба да го направите е да останете верни и искрени со себе. Искреноста е една од најважните работи која треба да ја имате кога учите како да се справите со љубоморниот партнер.