Еве како да бидете успешен родител додека се борите со депресија

Еве како да бидете успешен родител додека се борите со депресија

Родителството само по себе е тешка задача, дури и кога нема дополнителни околности кои го отежнуваат. Честопати потребите на децата ги ставаме пред нашите, а нивната благосостојба станува наш приоритет. Дури и кога очајно ни е потребен одмор, нашата главна цел е детето да ни биде среќно и задоволно. Уште потешко е кога за време на родителството се соочуваме со една мрачна состојба како што е депресијата.

Сериозната депресија на родителот може негативно да влијае на децата. Истражувањата покажуваат дека постои врска меѓу родителската депресија и појавата на анксиозност кај децата. Не само што децата се склони кон овој тип ментална болест, туку и самата депресија на родителот создава една стресна средина во домаќинството, нешто што има негативни последици за најмладите членови на семејството.

Доколку страдате од депресија, сигурно и самите сте свесни за тоа колку симптомите неповолно влијаат на вашето секојдневно функционирање. Депресијата е сложена ментална болест, а знаците на болеста варираат од личност до личност. Ако родителот нема енергија, ни волја ни желба да стане од кревет, нему ќе му биде тешко да ги исполни и основните потреби на децата. Играта, забавата и квалитетно поминатото време со малите, во тие моменти се мисловна именка. Таквата ситуација може да доведе до тоа децата да се снаоѓаат сами или да бараат помош и внимание од другите членови на семејството.

Општо е познато дека децата се малечки сунѓери кога се работи за собирање информации од околината. Набљудувајќи го депресивниот родител, детето ги учи погрешните механизми за справување со стресот и животните проблеми. Ако забележи несакани промени во однесувањето на детето, како последица на својата ментална болест, депресивниот родител ќе чувствува вина, нешто што пак, дополнително ја отежнува борбата со депресијата. На овој начин се создава еден магичен круг од кој тешко се излегува.

Секогаш кога ќе се соочите со некој проблем, побарајте помош и решение на проблемот. Депресијата го отежнува секојдневниот живот, а некогаш и наједноставните обврски делуваат како огромен товар и тортура. Симптомите на депресијата бараат медицинска помош, а неа можете да ја добиете кај психотерапевт, кој ќе ви препише соодветна медикативна терапија, придружена со сеанси на кои ќе разговарате за проблемот. Покрај тоа што ќе побарате помош од стручно лице за депресијата, посоветувајте се и во врска со родителството. Од него побарајте упатства за тоа како подобро да се носите со улогата на родител, додека се соочувате со оваа тешка состојба.

Побарајте помош и за вашето дете. Иако чувствувате дека проблемот е во вас и вашата психа, детето, исто така, ги чувствува последиците од болеста. Психотерапевтот може да му помогне на детето и да го научи како да се носи со ситуацијата, како да комуницира и како да ја зајакне врската со родителот.

На овој начин ја олеснувате ситуацијата за себе, но и за вашето дете. Откако ќе ги намалите симптомите на депресијата, вие повторно ќе можете да уживате во животот, а со тоа и да бидете најдобри родители на вашите деца. Не губете надеж, излез постои.

Погледнете ја објавата на една млада мајка, со која ја покажува страната на депресијата која ние не ја гледаме.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевничка која би живеела во приказна на Харуки Мураками, во режија на Вес Андерсон, со саундтрак на The Smiths.

Поврзани содржини

Остави коментар