Елегии од селската идила
Струката ми наметнува да се занимавам со јазиците, а кога станува збор за нашиот (најмил на цел свет) македонски јазик, можам со сигурност да кажам дека имаме вистинско изобилство во палетата со пцовки и погрдни зборови. Мислам, сосема е во ред, не знаеш кога што ќе ти притреба, на крајот на краиштата човек треба да располага со широк вокабулар.Неодамна чув стварно добра шега. Која е разликата меѓу дебел човек со пари и дебел човек без пари? Оној со пари нагалено се нарекува „меченце мое“ а оној без пари „свињо една дебела“. Е сега, кога станува збор за палетата со „убави“ зборови, јас стварно не знам зошто ги мешате тука животните, што ви се криви па тие? Ако некој ве изнервира, зошто да го нарекувате магаре? Дали некое магаре некогаш ви направило нешто лошо? Сега, што сакав да кажам? Ахам, да.
Кога веќе се бунам, ќе се побунам и за ова – под итно да се потцрта строга линија меѓу поимите „сељак“ и „селанец“. Во мисијата „истражи ја твојата убава земја“, патот ме однесе накај Крушево, па и накај прилепските села. Таа авантура ми помогна уште подобро да ги разграничам двата поими и веќе да не ги мешам.
Сељак може да биде, на пример, многу добро ситуиран човек од самиот центар на сите збиднувања во нашава државичка. Добро облечен „господин“ кој оди во ресторан со фамилијата и пријателите, ѝ се дере на жена си и го преплашува во повеќе наврати своето дете правејќи му се газда, поставувајќи се надмен над своите пријатели и мавтајќи со клучевите и телефонот пошто типов е неверојатно „јак“. Селанец е пак, добро воспитан човек кој живее на село. И кога еден таков го прашавме за правиот пат, се изрази така културно и смирено со огромна желба за да ни помогне, и тоа ни помалку ни повеќе од него чув еден ваков израз: „Ја гледате ли онаа планина напред? Селото кое го барате е во подножјето на таа планина…“ и ги набројува селата… Ок, значи од една страна имаме некултурни изрази и викотници среде ресторан и јавни закани на своето дете од страна на крајно арогантен тип, а од друга страна имаме честичка „ли“ во прашањето, израз како „подножјето на планината“, културен и насмеан човек со сочувство и желба да ти помогне…
Сега, драги мои ве оставам сами да размислите и да ги разграничите поимите. Оти ти можеш да живееш во центар на светска метропола, ама сепак да бидеш сељак.
Крајно време е оние кои си лечат комплекси потпирајќи се на своето потекло да си стават во главите еден факт: ништо за тебе не кажува местото каде живееш, ами твоето однесување и твоите успеси.
Ели
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Mnogu ubavo napišano,Pozdrav od čičko Naume.