Едуцирајте се бесплатно на интернет – наука и здравје
Автор: Ивана Грујоска
Секој вид едукација е самоедукација. Точка. Не е важно дали седите во училница, на факултет или во кафуле. Не учиме ништо што не сакаме да го научиме.
Оние личности кои преземаат време и иницијатива да си обезбедат себеси сопствена едукација се единствените кои се здобиваат со вистинско образование на овој свет. Сетете се само на некој општо признат научник, претприемач или историска личност. Без разлика дали некој од нив се има здобиено со формално образование или не, ќе сфатите дека тој или таа е производ на континуирана самоедукација.Ако сте заинтересирани за учење нешто ново, овој напис е за вас. Ова е првиот од неколкуте што ќе следуваат понатаму. Ќе бидат опфатени теми како бизнис и пари, право, историја и светска култура итн.
Започнуваме со наука и здравје.
МIТ OpenCourseWare – МИТ (Институт за технологија во Масачусетс, САД) е веб-сајт кој нуди бесплатни онлајн курсеви базирани на нивната студиска програма. Овој сајт располага со материјали кои ги опфаќаат речиси сите додипломски и постдипломски предмети што се изучуваат на МИТ. Има преку 2.000 курсеви од најразлична тематика. Можете да учите историја, математика, економија, хемиски инженеринг, па дури и аеронаутика, планетарни науки, нуклеарна наука и инженеринг, буквално сè што ќе ви падне на памет. Наставата се одвива преку видео лекции, туторијали, се задаваат примери, се презентираат решенија и добивате испити и задолженија за курсот што ќе го изберете.
Tufts OpenCourseWare – Тафтс е дел од новото образовно движење иницирано од МИТ, кое обезбедува слободен пристап до содржината на курсевите за секого на интернет. Тафтс-курсевите ја демонстрираат јачината на универзитетот во областа на науките за животот, што го надополнува нивниот мултидисциплинарен приод во работата, меѓународната перспектива и почитувањето на основната етика да им служат на своите локални, национални и меѓународни заедници. За студентите на медицина, ова е одлична можност да се надградат себеси преку практични вежби и примери што ги нудат овие курсеви. Секако, курсевите не ви обезбедуваат сертификати или диплома, ниту пак ви овозможуваат полесен влез на Универзитетот Тафтс, меѓутоа знаењето што ќе го стекнете е бесценето.
HowStuffWorksScience – Самиот факт дека главното мото на сајтот е „ве правиме експерти за сè“, говори и повеќе од доволно. На овој сајт ќе најдете научни лекции и објаснувања (почнувајќи од теми за домот, културата и забавата, па сè до теми за наука, роботика и автомобилизам), и тоа повеќе отколку што можете да сортирате преку целата година.
Harvard Medical School Open Courseware – Мисијата на Иницијативата за отворени курсеви при Медицинскиот факултет Харвард е да се разменуваат знаења од заедницата на научници од Харвард со други академски институции, идни студенти, како и со општата јавност. Еден од најпрестижните универзитети во светот нуди платформа за доживотна надградба за оние што се поврзани со Хардвард-заедницата. Секој член на факултетот Харвард, во кој било курс, може јавно да ја сподели неговата содржина со едноставно обележување на соодветните полиња на веб-сајтот, кои го идентификуваат ресурсот што се објавува на сајтот на универзитетот. Така се олеснува пребарувањето на темата која сакате да ја изучувате, може да го внесете името на курсот, шифрата или пак името на студентот што го поставил.
Khan Academy – Над 1.200 видео лекции покриваат сè, од основна аритметика и алгебра до диференцијални равенки, физика, хемија и биологија. Кан-академијата има мисија да ви помогне преку практични примери да го научите она што сакате, кога сакате, учејќи со свое темпо. Има дури и курсеви што нудат најсовремени предавања во HD квалитет.
Open Yale Courses – Отворените курсеви на Јеил нудат предавања и други материјали од избрани курсеви на колеџот Јеил, кои се бесплатно достапни за јавноста преку интернет. Курсевите нудат цел спектар на либерални уметнички дисциплини, вклучувајќи хуманистички и општествени науки, како и физички и биолошки науки. Сите предавања имаат аудио и видео запис, а може да ги добиете и како текстови. Не е потребно да се регистрирате. Исто така, сите видео и аудио материјали се достапни и на YouTube и на iTunes.
webcast.berkeley – Секој семестар, универзитетот Беркли избира курсеви и настани кои можат да се проследат преку интернет. Курсевите се избираат по барање на посетителите на нивниот сајт. Нивните курсеви и предавања се предвидени како извори од коишто можат да учат и нивните студенти и јавноста. Може да пребарувате по семестри, по оддели или едноставно да ги погледнете сите курсеви, па да си изберете некој по ваша волја.
UC San Deigo Podcast Lectures – Поткастинг-услугата (поставување аудио записи со одредени предавања на интернет) на универзитетот во Сан Диего, беше основана да им користи на нивните студенти. Објавите може да се преземат на крајот на секое тримесечје (во текот на 10-те седмици на есенско-пролетната сесија и 5 недели во текот на летото), после што се отстрануваат. На нивниот веб-сајт има листа на курсеви на кои може да се претплатите и објаснување како да ги следите. Ако ви се допадне некоја објава, претплатете се и преземете го предавањето. Откако некоја објава ќе се тргне, факултетот ретко одобрува нејзино реобјавување.
Johns Hopkins OpenCourseWare – Проектот „отворен курс“ на училиштето за јавно здравство Џонс Хопкинс Блумберг, обезбедува пристап до содржините на нивните најпопуларни курсеви. Како што секојдневно ескалира предизвикот да се обезбеди светското здравје, училиштето чувствува морален императив да обезбеди еднаков и отворен пристап до информации и знаење во врска со пречките со кои се соочува јавното здравство и со нивното потенцијално решение. За да ги следите нивните програми, потребно е да се регистрирате и да ги прифатите нивните услови на користење.
Carnegie Mellon Open Learning Initiative – Нема инструктори, нема кредити, не се наплаќа. Користете ги нивните само-водечки материјали и активности за да учите по сопствено темпо. Најдете курс за кој сте заинтересирани и кликнете „Join Class“ за да се приклучите. Ако сакате да го следите својот напредок, мора да се регистрирате. Има и опција „Peek in“ (ѕирни), преку која може да видите дали некој курс ви се допаѓа или не.
Utah State OpenCourseWare – Отворените курсеви што ги нуди државниот универзитет Јута, САД, се збирка на едукативни материјали кои се користат во нивниот формален начин на студирање. Нивниот кампус се обидува да им обезбеди на луѓето од целиот свет, пристап до висококвалитетни можности за учење. На нивниот сајт ќе најдете курсеви поделени по насоки на студирање или пак едноставно, може да ги прегледате сите понудени опции и да си одберете соодветна. Исто така, овој универзитет нуди и можност да се здобиете со стипендија, иако сте учеле на нетрадиционален начин, преку нивните курсеви. За повеќе информации кликнете на овој линк.
AMSER – AMSER (Applied Math and Science Education Repository) е портал за образовни ресурси и услуги, изграден специјално за употреба од страна на оние во Заедницата на техничките факултети, но е бесплатен за секој што сака да го користи. За да ги користите ресурсите на овој портал, мора претходно да се регистрирате со што ќе ви се овозможи да ги зачувате, организирате и да ги споделите курсевите што ве интересираат. Можете и да се претплатите и ќе добивате информации за новите курсеви коишто можеби ќе сакате да ги проследите.
Wolfram Demonstrations Project – Волфрам го доближува компјутерско истражување до најшироката можна публика. Проектот претставува ресурс со отворен код, кој креира динамични илустрирани пресметки кои ги појаснуваат концептите во областа на науката, технологијата, уметноста, финансиите и математиката. Бесплатен плеер ве води низ сите демо снимки и видео клипови. Ваше е само да се регистрирате.
The Science Forum – Научниот форум нуди многу активни научни дискусии и дебати. Откако ќе се регистрирате, може да пристапите на форумот, каде ќе сретнете најразлични размислувања на најразлични теми. Може да дебатирате со форумџиите ширум светот со кои делите слични интереси, кои може да ве упатат кон безброј линкови и сајтови во врска со темата што ве интересира.
Free Science and Video Lectures Online! – Овој блог содржи колекција на видео предавања и лекции за науката и филозофијата. Тука може да сретнете сè што сте сакале да знаете за науката, на лесен и едноставен начин, преку курсеви, игри и експерименти. Има дури и наука за деца – како децата преку игра да ги откријат нејзините тајни. Покрај тоа, блогот нуди и листа на универзитети во чии програми е застапено студирањето на далечина.
Science.gov – Владата на САД, преку овој сајт, ви дава можност да пребарувате во над 50 бази на податоци и во над 2.000 избрани веб-сајтови од 12 федерални агенции, кои нудат 200 милиони страници со научни информации, вклучувајќи истражувања и развојни резултати. Темите се групирани по автори, по датуми или пак се поделени на подтеми, сè со цел да ви се олесни пребарувањето. Исто така, поврзани се со извори на Википедија и може да си ги спуштите и да ги зачувате за свои потреби.
The National Science Digital Library – Националната научна дигитална библиотека е онлајн библиотека за едукација и истражување од областа на науката, технологијата, инженерството и математиката. Регистрирајте се и почнете со пребарување на сè што ве интересира. Мултимедијалните содржини од сајтот се достапни и на iTunes.
EnviroLink Network – Мрежата ЕнвироЛинк е непрофитна организација и онлајн заедница која ги обединува организациите и волонтерите низ целиот свет. Оваа организација се занимава со споделување информации за животната средина. Уште од 1991 година обезбедува пристап до илјадници онлајн еколошки ресурси.
Geology.com – Овде се споделуваат информации за геологијата и науките за Земјата, без надомест: статии, вести, мапи, сателитски слики, речник итн. Можете одблиску да се запознаете со работата на геолозите и да дознаете безброј интересни работи поврзани со нашата планета Земја, да погледнете спектакуларни фотографии од фосили или пак да дознаете нешто повеќе за ретките Земјини елементи.
Scitable – Ова е слободна научна библиотека и лична алатка за учење, која ја има создадено „Nature Publishing Group“, водечка издавачка агенција во светот на науката. Сајтот во моментов се концентрира на генетиката и клеточната биологија, вклучувајќи теми за еволуцијата и богатата комплексност на живите организми. Scitable нуди ресурси кои ви помагаат да станете научник, со совети за ефективна научна комуникација и помош за избор на понатамошна кариера. Веб-сајтот, исто така, се очекува да се прошири и со други теми за учење и образование.
LearningScience.org – Овој сајт претставува бесплатен софтвер за споделување понови и алатки во развој кои служат како помош за полесни предавања во областа на науката. Создаден подеднакво и за професорите и за студентите, сајтот ги нуди најдобрите научни извори на светот. Формулиран по стандардите на националната научна едукација, тој е истовремено истражувачки и рецензентски ориентиран.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.