Едноставни работи за љубовта кои треба да ги научите во 20-тите години

Едноставни работи за љубовта кои треба да ги научите во 20-тите години

Можеби во вашите дваесетти сте имале некое љубовно искуство, кое на потежок начин ве соочило со работите кои треба да ги знаете и да ги прифатите. Да имате илузии е неизбежно, како што е неизбежно и да ги изгубите, само што тоа не е губење – најлошата вистина е подобра од најубавата илузија, затоа што го прави нашиот живот повистински, нашите очекувања пореални и нашата љубов – потрајна. Следуваат неколку лекции кои мора да ги научите во 20-тите со цел да изградите поздрава и посреќна љубовна врска.

1-prosti-raboti-za-ljubovta-koi-treba-da-gi-nauchite-do-20-godini-www.kafepauza.mk_

1. Љубовта не е бајка

Секако дека тоа го знаете, не сте мали. Но, што значи тоа? Тоа значи дека нема сè да оди подмачкано и со бунтовни, заљубени насмевки и соодветна музика. Тоа значи дека реалноста на љубовта започнува токму таму каде што сите филмови завршуваат со среќен крај. Љубовта е она што се случува подоцна, кога веќе сте се сретнале и заљубиле и откако сте лебделе во занес некое време, па потоа сте почувствувале дека романтиката бледи и дека се појавуваат караници и неразбирања.

Љубовта се одвива на самата граница на болката – кога ќе почувствувате дека ве повредува нешто што вашиот партнер го прави или не го прави и кога ќе увидете што е прифатливо, а што не. И кога ќе се обидете во врската да се изборите за нешто што ви е потребно, на начинот кој ви е потребен. И кога правите отстапки, затоа што нему тоа нешто му е важно, а вам воопшто не. Тоа го нема во бајките. Во бајките, кога ќе сфатат дека се сакаат и дека си се најважни еден на друг, сè станува совршено, лесно и прекрасно и потоа бајката завршува. Тогаш започнува животот, но тоа не е тема за бајките и романтичните филмови.

2. Вашиот партнер не умее да ги чита вашите мисли

Со други зборови, комуницирајте. Тој нема да погоди зошто сте навредени или повредени, дури иако вие мислите дека тоа е најочигледната и најлогичната работа на светот. Тој нема да знае ниту што ви е важно и што ве ужасува, доколку вие не му го кажете тоа. Но, комуникацијата не е само соопштување, бидејќи можете да воочите дека вашиот партнер е малку „тврд на ушите“, па воопшто не го слушнал она што еднаш сте му го кажале. Комуникацијата вклучува полно обострано внимание, разјаснување на сето она што не е јасно, пронаоѓање начини за решавање на проблемите и лекување на повредите.

3-prosti-raboti-za-ljubovta-koi-treba-da-gi-nauchite-do-20-godini-www.kafepauza.mk_

3. Никој не е совршен, дури ни вашата сродна душа

И тоа го знаете, но во теорија. Нешто сосема друго е праксата во која се соочувате со несовршеностите на некого кого го сакате. Тие ве тераат да очајувате, да се преиспитувате, да беснеете, сè додека не пронајдете начин да уживате во меѓусебните несовршености и да ги внесете во вашиот однос, додека не сфатите дека не можете да ги прогоните, измените и избегнете, бидејќи се дел од личноста на вашиот партнер, подеднакво вистински и вредни за внимание како и она што ви се допаѓа кај него.

4. Љубовта не значи зависност од партнерот

Тој зависен однос честопати е замка во која запаѓаме. Се поврзуваме со партнерот во таа мера што ја губиме нашата самостојност во одлучувањето и нашите акции, ги поврзуваме нашите желби и потреби кои не се поврзани со партнерот со идејата дека сега сè треба да правиме заедно, и дека треба да се откажеме од она што нему не му се допаѓа или од она во што тој не може да учествува.

Партнерот не е навистина вашата друга половина, без која би ја изгубиле рамнотежата, поттурнувајќи се, паѓајќи на нос, наместо да одите. Секако дека можете да живеете без него. Тоа што го имате, е избор на вашето задоволство, чувства и доверба. Имајте доверба во него дека тој може да функционира нормално и кога е без вас, дека знае да се однесува одговорно и дека не треба да го контролирате и барајте ја истата доверба од него.

2-prosti-raboti-za-ljubovta-koi-treba-da-gi-nauchite-do-20-godini-www.kafepauza.mk_

5. Љубовта не ви е гарантирана

Искуството е. Нешто ќе доживеете, па ќе се повредите, а потоа ќе научите, или пак нема да научите ништо и повторно ќе се обидете на истиот начин и ќе се запрашувате каде е таа љубов што треба да ја доживеете. Младоста е арогантна и мисли дека љубовта ѝ припаѓа и дека може лесно да ја отфрли и да пронајде друга. Реалноста ќе ве демантира. Доколку имате некого кого го сакате, правете сè за таа љубов, сè додека тоа има смисла и додека при тоа се сакате себеси – немојте да трпите насилник или психопат само поради тоа што вие го сакате него, бидејќи тоа не е чин на љубов.

6. Делата докажуваат повеќе од зборовите

Уште една фраза која ви е позната и која ништо не ви значи, додека не се најдете во врска во која зборувате со различни љубовни јазици, при што вашиот е гласен, а неговиот нем. Можеби никогаш нема со задоволство и сам од себе да ви каже дека ве сака, но ќе направи сè за вашата удобност и радост, ќе биде на вашата страна и ќе биде секогаш спремен за да го покаже и докаже тоа. И можеби на вас ви е попаметно да му направите колачи, отколку да му купите чоколадо и да му кажете колку го сакате.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар