Едноставна тајна за успешен брак
Паровите денес тешко се одлучуваат да стапат во брак, а браковите многу често завршуваат со разводи. Дали некој знае што е успешен брак и како се постигнува тој успех? Дали во реалноста може да се примени реченицата „Си живееја среќно до крајот на животот“, со којашто вообичаено завршуваат најубавите бајки?
Не само што е можно, туку тоа и се случува во многу бракови. Според една статија објавена во „Њујорк Тајмс“, просечниот брак денес не е толку цврст како браковите од минатото, но оние партнери кои ќе се изборат за својот брак, имаат поцврсти и посреќни врски, во споредба со луѓето во поодамнешните години. Одговорот на прашањето „Што го прави еден брак успешен?“ можеби ќе ве изненади со својата едноставност. Најважниот фактор за успешноста и цврстината на еден брак е всушност времето што партнерите го минуваат заедно.
Но, тука мора да се нагласи дека времето не треба да се мери единствено во секунди и минути, туку многу е важен и квалитетот на заедничките активности. Доколку поминувате доволно квалитетно време со својот партнер, ќе имате можност да развиете продуктивна комуникација, емоционална врска и неверојатна интимност. Најверојатно сега си велите во себе „Но, каде да најдам време покрај толку многу обврски на работа, во домот, околу децата, родителите…?“ Секако, никој не вели дека е лесно, но успехот никогаш не доаѓа без труд и вие мора да дадете сè од себе вашиот брак да успее.
Социолозите Џефри Дју и Бредфорд Вилкокс за „Њујорк Тајмс“ посочуваат дека брачните партнери кои барем еднаш во неделата одвојуваат време да бидат сами заедно, да разговараат и да споделат заедничка активност, имаат најмалку 3,5 пати поголеми шанси да бидат посреќни во нивниот брак, во споредба со сопружниците коишто многу поретко си посветуваат заедничко време. Можеби навистина не треба којзнае колкава умешност и труд за еден брак да биде успешна приказна. Тајната е во квалитетното време поминато со сопругот или сопругата.
Кога луѓето бараат совет како да преземат контрола над своите финансии, првото нешто на коешто ги упатуваат нивните финансиски советници е да ја следат трагата на парите. Тогаш, многумина се зачудуваат како нивните финансии незабележливо се одлеваат за некои сосема неважни работи. Истиот метод може да го примените и со вашето време. Наместо да се жалите дека не можете да најдете доволно време за својот сопруг или сопруга, најпрвин видете каде и на што ги трошите вашите минути, часови и денови. Можеби тогаш ќе ви стане јасно дека некои „важни“ работи и активности се всушност помалку важни од вашите партнери.