Едноставен и неодолив празничен десерт: Лава колач во шолја
Колачите во шолја се едноставни за подготовка и затоа се совршени за сите почетници во готвењето. Тие се лесно прилагодливи, па можете слободно да ја покажете вашата креативност и да внесете нешто уникатно во оригиналниот рецепт. Овие десерти се идеални за претстојните празници, а сигурни сме дека сите ваши пријатели и најблиски ќе ги обожаваат.
Потребни состојки за 6 лица:
- 250 грама темно чоколадо со 60% какао
- 4 јајца
- 125 грама маргарин
- 125 грама брашно
- 100 грама кафеав шеќер
- Кокос, брусници или нешто друго по ваша желба за декорација
Начин на подготовка:
Скршете го чоколадото на коцки и оставете 6 коцки на страна. Останатите стопете ги заедно со маргаринот. Ставете ги јајцата и шеќерот во миксер, убаво изматете ги, па потоа додајте го и брашното и на крај стопеното чоколадо и маргаринот. Во секоја шолја ставете по една коцка чоколадо. Со помош на лажица прелијте ги коцките чоколадо со направената смеса. Потоа, ставете ги во микробранова околу 4 минути на 700W. Уживајте во вашата чоколадна лава заедно со најблиските!