Две кафиња, три шеќерчиња и многу новогодишни желби
Некои кога раскажуваат милуваат точно да ја опишат ситуацијата во која се наоѓаат. Ако и јас би требало да го сторам тоа, тогаш сликата би била многу едноставна. Две пријателки, капучино и макијато, три шеќерчиња и поглед на езеро. Прекрасна зимска идила и топло пријателство, мислам дека и не би можела да имам поголема инспирација.Требаше да одиме на турски чај, во старата турска чаршија. Даваат шеќер во коцкички, е многу го обожувам тоа.
Ќути и уживај во погледот… всушност што ти е тебе со шеќеров во последно време, ти стана главна тема на муабет! И од кога кафето го пиеш со само едно шеќерче?
Од кога шеќерот во крвта ми се накачи како луд. Сега си внимавам, а кафето пак ми е вкусно.
И демек проблемот ќе го средиш со кратење на едно шеќерче?
Не, но добар почеток е. Експертите советуваат дека секогаш е добро да се започне со навидум мали и незначајни работи, кои во суштина носат големи промени.
Како тогаш кога си направи фризура со шишки?
Не, туку како тогаш кога посетив фризер и ми ги поправи шишките кои сама си ги скратив. Сеедно, да, ми требаше промена на имиџот.
И мене ми треба. А што велиш да ослабнам некое килце?
А што велиш да престанеш да трескаш? Што ќе слабееш, ушите или…? Не ми кажувај дека стана дел од оние глупачки кои изгладнуваат мислејќи дека така ќе бидат поубави и попривлечни.
Не, само велам…
Јас ти велам, не ти треба. Крај на секаква дискусија поврзана со слабеењето. Да слабееш ако имаш здравствени проблеми, ок, ама да си супер девојка, паметна и на пат да имаш одлична кариера, значи дека си само дел од оние паметни девојки со екстремно глупави одлуки.
Што значи…?
Што значи дека кога ќе треба да мозгаат нешто за да решат проблем на работа или на факултет, нивото на интелигенција им е надпросечно. Кога станува збор за машки, тие се надпросечно глупи.
Мислиш дека мора да биде така? Глупави девојки кои се всушност многу паметни кога станува збор за мажи, и паметни девојки кои постапуваат глупаво во љубовните врски?
Не, напротив. Таквите тврдења потекнуваат од филмовите. И плус таквите не се викаат паметни, туку се отракани, истренирани да бараат наивни и богати мажи. Инаку глупави девојки, тромави душички желни за заштита… тие не поминуваат полесно во љубовта, кога станува збор за реалниот живот. Вистината е дека можеш да си паметна на сите полиња во животот. Ама клучно е да бидеш по малку себична и ни малку лековерна.
Јас мислам дека треба да внимаваме како ќе се поставиме со мажите. Сè се сведува на нашата поставеност од самиот почеток.
Точно! Ја знаеш онаа, мажите се како плочки, штом еднаш ќе ги наредиш добро, цел живот ќе газиш по нив.
Ова беше феминистички, дури и премногу феминистички.
Немаш друга опција во животот, или газиш или те газат.
Неточно. Всушност, толку е погрешно тоа тврдење, што не знам од каде да почнам со негирање. За сè треба да постои баланс. Кога сака да се чувствува супериорен, дозволи му, но без да го повредува твоето его. Не мора секогаш да глумиш дека си супердевојка. Некогаш дај му до знаење дека ти е потребен. Не дека така по автоматизам стануваш зависна од него, ама не можеш постојано да газиш на неговото его. Ако се стремиме кон полова еднаквост, тогаш тоа навистина би значело полова еднаквост, а не наша доминантност.
Знаеш што е проблемот? Мажите се плашат од силни девојки! Ако тој е вработен, зема добра плата, вози добра кола, живее во добар стан, тоа го прави совршен маж. Ако јас сум вработена, земам добра плата, возам супер кола и живеам во сопствен стан, тоа ме прави одбивна и застрашувачка. Зошто? Па така нема да си го храни сопственото его, доживувајќи ме мене како накиснато маче на дожд кое копнее по покрив над глава.
Напротив, вистинскиот маж нема да се плаши од твојата успешна кариера.
Ете така, само најди ми макар десет такви во нашиов град, десет ако ништо друго!
Тогаш кој е твојот план, ќе се селиш?
Не, туку ќе најдам некој од екстремно ретките исклучоци.
Уште ти се врти во глава згодниот банкар?
Секако, па треба да имаш некакво попречување на функциите во мозокот за да не мислиш на онаков човек.
Знаеш што? Ми требаат штикли, за Нова година сакам штикли.
За Нова година го сакам банкарот.
И некое убаво фустанче можеби…
Банкарот!
Сакам да сум среќна, насмеана, сакам да патувам во новата 2013…
Јас го сакам банкарот.
Доста, и двете знаеме дека ќе ти здодее откако ќе го имаш. Како што ти здодева сè.
Побарај сметка и одиме да ги купиш штиклите.
Ама…
Или мислеше дека Дедо Мраз ќе ти ги донесе? Желбите се посакуваат со цел да се стремиме повеќе кон нивно остварување, тоа е целата поента. Инаку, самите си ги остваруваме.
Во право си, одиме по штиклите…
За малку ќе заборавев… За Нова година ви посакувам да ви се оствари сè што посакувате и многу работи кои ни малку не ги очекувате.
До следната година,
Вашата Ели.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.