Драги родители, и вие некогаш треба да се извините

Драги родители, и вие некогаш треба да се извините

Некогаш порано, луѓето растеле во патријархални семејства каде мажот го имал главниот збор и сите во семејството го слушале без да му противречат. Но, како што поминувало времето, жените почнале да ја заземаат својата позиција, како во општеството, така и во семејството. Благодарение на тоа, денес и мажот и жената се рамноправни членови во брачната заедница, рамноправни родители и како такви, заедно и рамноправно ги воспитуваат своите деца. И да, поголемиот дел од времето – тие сѐ во право.

(4)-dragi-roditeli-i-vie-nekogash-treba-da-se-izvinite-kafepauza.mk

Но што е со оние моменти кога родителите ќе погрешат? Без разлика дали станува збор за нешто што ќе го кажат или направат, директно насочено кон децата или нешто што индиректно влијае на нив, факт е дека никој не е безгрешен, па така ни родителите не се исклучок од тоа непишано правило. Но дали тогаш тие треба да им се извинат на своите деца како што и децата ги учат од мали нозе дека треба да се извинуваат кога ќе повредат некого, навредат или згрешат?

Иако можеби сѐ уште живееме во општество каде ова не се случува, еве само 5 навистина добри причини тоа да се промени.

1. Извинувањето подразбира начин на воспитување

Сите понекогаш ги губат нервите. Нервози, проблеми и што ли уште не ви виси на глава како родители, па сосема е очекувано во тие моменти да избувнете и да изреагирате побурно од вообичаено, несвесно можеби кажувајќи им работи на своите деца за кои подоцна сигурно ви е жал. Но што кога ситуацијата ќе се смири? Дали како на родители ви е поважна гордоста и поголем стравот дека ќе го потцените вашиот авторитет отколку да им дадете до знаење на вашите деца дека ви е жал? Бидејќи децата имаат потреба да го слушнат тоа. Можеби знаат, а можеби и не дека ви е криво за тоа што сте го кажале/направиле, но секое дете има потреба и да слушне. Нели е поважно да ја негувате врската со вашите деца, да им дадете до знаење дека ви е грижа за нивните чувства?

(2)-dragi-roditeli-i-vie-nekogash-treba-da-se-izvinite-kafepauza.mk

2. Извинувањето е пример за добро однесување

На луѓето им е секогаш полесно да кажат некому што да направи, но кога ќе дојде момент и тие да го применат кажаното, е тогаш работите стануваат потешки. Исто е и со извинувањето и родителите. Како родители, ваша должност е да ги научите децата на позитивните работи во животот, на културното однесување и што да направат кога ќе погрешат. Но кратко и јасно кажано, не постои подобар начин да го научите своето дете на нешто од оној кога вие се однесувате соодветно на работите кои му ги кажувате. Доколку користите вулгарни зборови пред него, џабе ви е доколку утре му кажувате дека тој/таа не треба да го прави тоа; детето единствено ќе се извинува во животот доколку вие, како родител, му дадете пример дека треба да го прави тоа. Па, почнете од себеси. Почнете со тоа што кога ќе погрешите и на тој начин ќе ги повредите чувствата на вашето дете, вие ќе се извините и така ќе му покажете дека неговите чувства и односот кој го имате со него ви значи повеќе од сѐ останато.

3. Извинувањето не подразбира напуштање на авторитетот

Најголемиот проблем кога е во прашање извинувањето од страна на родителите е тоа што за поголемиот дел од нив тоа претставува напуштање на авторитетната позиција во семејството и преоѓање на страната на оние кои треба да слушаат. Но, факт е дека не е така. Вистинската поставеност и соодветно одбраниот начин на извинување можат само повеќе да ја зајакнат вашата авторитетна позиција. Се прашувате зошто? Бидејќи во очите на детето станувате личност која е свесна дека погрешила и која во тој случај е подготвена да се извини, дури и ако личноста на која ѝ погрешила е сопственото дете. А тоа значи дека детето ќе ве почитува повеќе.

(3)-dragi-roditeli-i-vie-nekogash-treba-da-se-izvinite-kafepauza.mk

Е сега замислете што ќе се случи доколку некако го повредите своето дете, а притоа не покажете ни тронка грижа и/или жал за тоа. Дали мислите дека на тоа дете, после неколку години, ќе му направи некаква разлика фактот дека вие би требало да се наоѓате на некоја авторитетна позиција?

4. Извинувањето го поттикнува меѓусебното почитување

Како и со сите други луѓе, доколку сакате вашите деца да ве почитуваат, тогаш бидете луѓе и почитувајте ги и вие нив. Испочитувајте ги така што ќе им се извините кога ќе погрешите; испочитувајте ги така што кога ќе ги повредите нивните чувства, дали преку зборови или преку дела, вие ќе покажете храброст и решителност да им дадете до знаење дека ви е жал; испочитувајте ги како личности, како живи суштества, колку и да се мали. Децата помнат. Верувале или не, многу повеќе ги помнат лошите и неубави работи отколку оние убавите, што и реално не е толку за чудење. Но вие како родители имате шанса да им покажете дека сите грешат, намерно или ненамерно, и дека во тие моменти сепак е многу важно да станат свесни за тоа и да бидат способни да се извинат. Испочитувајте ги своите деца на тој начин што ќе им дадете шанса да научат како да го направат тоа за и тие во иднина да ве почитуваат вас, а и сите останати.

(5)-dragi-roditeli-i-vie-nekogash-treba-da-se-izvinite-kafepauza.mk

5. Бидејќи извинувајќи се, вие ќе се чувствувате подобро

Како родители кои им го мислат само најдоброто на своите деца, просто е неверојатно да не се чувствувате лошо откако неправедно ќе го искарате вашето дете, ќе му се обратите со погрдни зборови и сл. Невозможно е да не чувствувате грижа на совест откако со ладна глава ќе размислите за сѐ, иако можеби во моментот на случувањето сте мислеле дека сте во право. Па ако поради ниту една друга причина немате желба да му се извините на вашето дете, тогаш фактот дека вие лично ќе се чувствувате подобро после тоа можеби ќе ве премисли.

Иако звучи како навистина себична причина, всушност и не е бидејќи истовремено ќе направите и вашето дете да се чувствува подобро. Малите деца сѐ уште не се способни да распознаат добро од лошо како што можат тинејџерите (во некоја основна форма) и повозрасните деца. Па така, малото дете е многу поверојатно да се обвинува себеси после караницата со вас, дури и кога тоа не погрешило. Несвесно дека иако со нешто во моментот предизвикало таква реакција кај вас, сепак не е криво, тоа дете ќе се чувствува лошо мислејќи дека кривицата е целосно негова. Но вие, како родители, сте свесни или ќе станете свесни, па зошто би дозволиле детето да претпоставува и да се обвинува себеси? Извинете му се и објаснете му што се случило, помогнете му да разбере и да се чувствува подобро, на тој начин правејќи и вие подобро да се чувствувате. Мислете на детето, не на себе.

И вие еднаш бевте деца. Како се чувствувавте кога никој не ви се извинуваше вам? И дали тоа треба да ве сопре во правење на вистинската работа кога вие сте во позицијата на родител?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар