Драги родители, дали знаете зошто децата обожуваат да им читате приказни за добра ноќ?
Кога купуваме апарат за домаќинство го разлистуваме упатството за употреба за да научиме како да го користиме. Но кога ќе добиеме дете, дали претходно сме едуцирани што значи родителството и како се воспитуваат деца?
Често слушам: разгалени деца, невоспитани, бесни, немирни, но дали знаете зошто децата се такви? Причината е многу едноставна – таквите деца само бараат љубов, потребна им е родителска љубов, која не ја добиваат од родителите, а минлива љубов пронаоѓаат во играчките кои ги бараат да им се купат. Играчката за детето е извор на краткотрајна среќа, на краткотрајна љубов која трае ден, два, три, а потоа повторно истата приказна – сакаат нова играчка, потребна им е нова љубов.
Децата кои врескаат, кои плачат и се валкаат по земја тоа го прават за да го придобијат вниманието од родителот и по цена да бидат казнети. Наспроти тоа, децата кои се полни со љубов и со самодоверба се среќни деца и не ја чувствуваат потребата да бидат бесни, „лоши“, разгалени…
Дали знаете зошто децата обожуваат родителите да им читаат приказни за добра ноќ? Кога родителот му чита или прераскажува приказна на детето пред спиење, нивните тела се близу, тоа ја чувствува топлината, блискоста. Душите им се дотолку блиску што дури приказната е прераскажана во шепот, а најслаткото за детето е бакнежот за мирен сон, бакнеж кој за него е извор на чиста љубов, нешто најубаво, најскапоцено најискрено.
Една мудра приказна вели:
„Синко, сине мој, кога беше мал ти ги купував сите најубави и најскапи играчки, имаше секакви играчки какви што ниедно твое другарче немаше. Ти имаше сè. Зошто се однесуваш сега вака со мене? Со што го заслужив твоето непочитување? А синот му одговара: Да татко, имав сè освен тебе и твоето време…“
Почитта од децата се заслужува. Не можете да бидете почитувани, ако најпрво и самите не ги почитувате вашите најмили. И уште повеќе, ако ја намалувате нивната вредност, а себеси се издигате со титулата на родител.
Скоро секој сака да биде родител, но дали секој го заслужува тоа?
Драги родители, вашите најмили се одраз на вас самите. Проблемот никогаш, никогаш… никогаш не е во детето, проблемот е секогаш во вас. Родителството е најтешката професија која се добива без диплома, но за вистинско родителство дипломата треба да се заслужи.
Автор: Кристина Николовска Шебаљ, Скопје