Драги девојки: За да имате здрава љубовна врска, не треба да се претставувате како сексуални објекти
Дали сте запознаени со терминот „објектификација“? Тоа се случува кога луѓето се однесуваат со некој човек како да е предмет и ја игнорираат неговата човечност и достоинство. Објектификацијата на жените ја намалува нивната вредност и ја сведува само на физичкиот изглед. Женските тела се сметаат за предмети што служат за сексуално задоволување и воопшто не се земаат предвид чувствата и мислењата на личноста која го поседува тоа тело.
Истражувањата покажале дека објектификацијата на жените ја отвора вратата кон голем број други проблеми кои придонесуваат за фактот што работата и достигнувањата на жените не се сфаќаат сериозно, го зголемуваат ризикот од сексуално злоупотребување, ја зголемуваат загриженоста на жените околу нивниот изглед и се причина за ниска самодоверба.
Откако жените ќе доживеат објектификација од страна на непознати луѓе, тие се чувствуваат понижени, бидејќи никогаш не добиле шанса да покажат кои се и какви се како личности. Но, што се случува кога оваа негативна појава се јавува во љубовната врска?
За жал, објектификацијата е честа појава во животот на жените. Девојките се соочуваат со објектификација секој втор ден, најчесто преку сексуалните погледи што им се упатуваат кога некој ги одмерува или зјапа во нивните тела. Поради честата појава на сексуалната објектификација, можеби ви делува како нешто сосема нормално. Како последица на тоа, таа е секојдневно присутна во рекламите, на филмовите, на телевизија, па дури и на работните места каде што изгледот на жените може да влијае на нивниот напредок и на туѓото однесување.
Жените ги сфаќаат ваквите коментари многу лично и сериозно и ги користат како мерило за одредување на нивната вредност. Штетата е уште поголема кога и нивните љубовни партнери ги третираат како да се сексуални објекти.
Објектификација во љубовната врска
Психологот Лаура Ремзи и нејзините колеги од државниот универзитет Бриџвотер спровеле 3 истражувања со цел да дознаат какво влијание има објектификацијата во врската на жените. Ако жената ужива во тоа да биде третирана како сексуален предмет, дали ќе биде задоволна од врската?
Во првото истражување учествувале 114 жени од кои 9,6% излегувале на љубовни состаноци, 28,9% имале сериозни врски, 8,8% биле свршени, 16,7% живееле заедно со партнерот и 36% биле омажени. Тие одговарале на различни прашања од 3 категории: „Сакам мажите да ме гледаат“ (уживање во сексуализацијата), „Мојот партнер честопати се грижи за тоа дали облеката што ја носам ми стои добро“ (објектификација од страна на партнерот) и „Дали партнерот успева да ги исполни вашите потреби“ (задоволство од врската).
Жените кои одговориле дека доживуваат објектификација од партнерите не биле задоволни од врската, дури и оние кои изјавиле дека уживаат во сексуализацијата. Според ова, доколку уживате во вниманието што го добивате поради вашата сексуалност, тоа може да ја поттикне машката објектификација што ќе доведе до незадоволство во врската.
Иако ова звучи лошо, можно е објектификацијата од страна на партнерот да е добронамерна и да служи за покажување љубов и восхит кон саканата. Во таков случај, објектификацијата не е толку лоша, особено поради тоа што сексуалната желба во здравите врски ја зголемува среќата на партнерите. Сепак, објектификацијата не е иста со сексуалната привлечност. Ако се чувствувате посакувано од страна на партнерот, тоа е добро за врската, но ако чувствувате дека вашето тело е единственото нешто што му е важно на партнерот, тогаш тоа не се добри вести.
Чија вина е?
Резултатите од истражувањата јасно покажуваат дека жените кои се соочуваат со објектификација од страна на нивните партнери, не се задоволни од љубовната врска. На прв поглед делува како да постои едноставно решение за овој проблем. Мажите би требало да не ги третираат нивните партнерки како сексуални предмети. Но, истражувањата исто така докажаа дека мажите почнуваат со објектификација доколку нивните партнерки уживаат во сексуализацијата и доколку самите се доживуваат како сексуални предмети. Жените кои уживаат во вниманието што го привлекуваат поради нивниот изглед, свесно или несвесно, бараат партнери што ќе ги гледаат како сексуални предмети за да си ја исполнат таа потреба.
Објектификацијата е неизбежна појава во денешното општество. На пример, половина од рекламите ги охрабруваат жените да ја искористат сексуалноста во нивна полза. Но, проблемот е во тоа што објектификацијата ги понижува жените, наместо да им ја пружи моќта што ја бараат.
Не постои сомнеж дека жените треба да се облекуваат и однесуваат како што сакаат. Но, најновите откритија покажуваат дека исто толку важно е да бидете свесни како реагираат вашите партнери на вашите избори.
Ако вашиот дечко или сопруг почнат да ви даваат објективизирачки коментари, не ги занемарувајте како показатели на нивната сексуална желба. Препознајте ја објектификацијата како непочитување и деградирање на вашата личност. Потоа, најдете попозитивни начини на кои ќе можете да ја искажете вашата сексуална желба и привлечност. Само на тој начин ќе можете да имате среќна, здрава и успешна љубовна врска полна со меѓусебна почит и разбирање.
Во продолжение прочитајте зошто мажите гледаат во други жени.