Драги апсолвенти: Не правете ги овие грешки кога за прв пат ќе се вработите
Некако успеавте да ја смирите анксиозноста предизвикана од помислата дека наскоро ќе дипломирате и се помиривте со фактот дека само што не сте влегле во светот на возрасните. Со мирна глава почнавте да ги разгледувате сите ваши опции и решивте дека сте подготвени да најдете работа и да ги прифатите сите обврски што доаѓаат со неа. Најдовте понуда за работа што одговара на вашите интереси и можности, аплициравте и ве вработија. Сигурно се чувствувате многу возбудено, но не дозволувајте возбудата да ве понесе.
Често пати се случува новите вработени да имаат погрешна слика во однос на тоа што треба или не треба да прават за да успеат во нивната прва работа по дипломирањето. Овие погрешни слики ќе направат да мислите и да се однесувате на начин што ќе ја намали вашата способност да бидете продуктивни, поврзани и задоволни членови на една организација. Еве кои мисли не треба да ви се вртат во главата:
Морам да почнам со полна пареа
Ова може да звучи како добра стратегија, но ќе го насочи вашиот фокус на тоа што побрзо да ги завршите сите работни задачи уште од првиот ден и нема да ви дозволи да се посветите на градење односи потребни да остварите долгорочен успех. Ако само брзате да бидете продуктивни, голема е веројатноста дека ќе направите многу грешки. Дадете си време да ги разберете сите мали финеси на вашите работни обврски и не срамете се да прашувате или да побарате помош.
Решение: Посветете доволно време целосно да ја разберете вашата улога и обрнете повеќе внимание на односот што треба да го изградите со вашите колеги и менаџери.
Морам да оставам беспрекорен прв впечаток
Сигурно многу пати сте прочитале дека луѓето формираат мислење за нас во првите неколку секунди откако ќе се појавиме. Иако ова е точно за некои поедноставни ситуации, кога се работи за долгорочни работни односи, не може да се направи толку точна проценка. Всушност, впечатокот постојано се менува во текот на наредните месеци. Доколку сте загрижени за првиот впечаток што ќе го оставите и премногу се трудите да ги импресионирате колегите со вашето знаење и минати достигнувања, може да делувате арогантно. Може да се случи да одбегнувате одредени луѓе затоа што се плашите дека ќе оставите лош впечаток. Што и да е случајот, ваквиот начин на размислување ве спречува да остварите квалитетни врски и целосно да се интегрирате во новата средина.
Решение: Разберете дека иако првите впечатоци имаат одредено влијание, тие избледуваат од меморијата по неколку средби. Фокусирајте се на тоа следната средба да биде поуспешна.
Морам да се докажам
Откако сте успеале да се „продадете“ на интервјуто за работа, може да чувствувате притисок дека веднаш мора да докажете колку мудра одлука била тоа што ве вработиле. На тој начин вие ќе гледате само да ги извршувате дадените задачи, наместо да учите. Имајте на ум дека колегите пред да станат ваши соработници, тие најпрво се судии задолжени да ја оценуваат вашата работа. Од страв да не згрешите или да не успеете да завршите нешто, вие ќе почнете да работите прекувремено дури и на паузата за ручек за да оставите впечаток на посветен работник. Но, на тој начин ќе пропуштите да се поврзете со колегите и да создадете квалитетни врски.
Решение:Не заборавајте дека вашите колеги не очекуваат беспрекорна работа, и вашиот успех зависи од вашата способност брзо да учите од другите.
Не смеам да им досадувам на зафатените, важни луѓе
Новите вработени веруваат дека е неучтиво да ја прекинат работата на зафатени луѓе со повисок статус. Поради тоа, чекаат другите да им пристапат ним, што најчесто не се случува. Не правете ја оваа грешка бидејќи нема да успеете да ги изградите врските и да ги добиете информациите потребни за да бидете успешни.
Решение: Имајте на ум дека соработниците очекуваат да ги прекинувате во работата со прашања. Откако сте ги запознале, прашајте ги дали може да ве примат подоцна. Ретко кој ќе одбие вакво наивно барање.
Ако побарам помош, ќе изгледам лошо
Само што сте почнале со работа и непријатно ви е да поставувате прашања за нешта што сметате дека веќе би требало да ги знаете или прашања кои сметате дека би направиле да изгледате помалку компетентни и паметни од очекуваното. Особено ви е непријатно да му пристапите на новиот шеф, а најчесто тоа е личноста што најмногу може да ви помогне. Наместо да го направите тоа, вие трошите време на бесмислено пребарување по Интернет или премногу се потпирате на вашата сопствена проценка и (не)знаење. Резултатот на сето ова се грешки кои сте можеле лесно да ги одбегнете само со неколку стратешки разговори.
Решение: Бидете сигурни дека никој не очекува од вас да знаете сè. Ако сакате побрзо да се вклопите на работа, потребно е да поставувате што е можно повеќе прашања.
Првото вработување е навистина возбудлив, но и стресен настан. Не дозволувајте поради овие неколку погрешни слики што ви се „мотаат“ во глава да скратите од вашата продуктивност, интеграција и задоволство. Прашувајте, дружете се, прифаќајте критики, вредно работете и успехот ќе биде неминовен!