Домашно чоколадно фонду
Не знаете што е чоколадно фонду? Тоа е онаа вкусна, чоколадна смеса во која се натопуваат парчиња јагоди, банани и слични овошја на стапче. Неодоливо искуство за кое ќе ви треба кратко време и малку мака. Еве како да го направите овој десерт.
Потребни состојки (основни):
- 200 мл слатка павлака
- 350 г рендано чоколадо
За почеток, кога се прави чоколадно фонду, од огромна важност е чоколадото да биде високо квалитетно, со поголем процент на какао. Ваш е изборот дали ќе користите бело или црно чоколадо.
Во тенџере ставете ја слатката павлака и оставете ја да се загрее на умерена температура, околу 2-3 минути. Тргнете ја павлаката од оган и со неа потурете го чоколадото кое веќе го имате изрендано во друг сад. Оставете го чоколадото 3 минути за да омекне. Растопете го со мешање. Треба да добиете хомогена смеса, позната како „ганаж“. Ова е основната смеса за фонду, но секогаш има место за нешто плус.
Додатоци
Она што најмногу оди со чоколадното фонду е секако алкохолот. Може да додадете рум, бренди, амарето, или ликер, особено млечен или со вкус на кафе. Ако пак сакате појак вкус, може да додадете малку црвено вино.
Но, за да не ви се слоши од многу алкохол, може да искористите и други додатоци, како мед, кокосово млеко или пак чили.
За крај…
Кога смесата ќе биде готова, преостанува уште една работа. Со виљушка набодете некоја јаготка, парче банана или што и да најдете при рака во кујната, и што е можно побргу почнете да уживате во вашето лично направено фонду.
Овој десерт е толку лесен да се подготви и не одзема воопшто време. Па, што чекате? Веднаш направете го и уживајте со најблиските!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.